Советот на судии го остави настојателот на Свјатогорската Лавра, Високопреосвештениот Митрополит Арсениј, од Украинската Православна Црква, во притвор до крајот на мај годинава, и покрај доказите на одбраната за можноста за примена на алтернативна мерка за обезбедување присуство.
На 21 април 2025 година, на Светол понеделник, во Апелациониот суд во Днепар се одржа рочиште за случајот на Митрополитот Арсениј, пишува веб-страницата на Свјатогорската Лавра. Адвокатите изнесоа докази за сомнителноста на овластувањата на обвинителите што учествувале во разгледувањето на прашањето за мерката, како и аргументи за можноста да се примени кон митрополит Арсениј мерка што не вклучува притвор. Сепак, судот ги одби жалбите, прифаќајќи ја позицијата на обвинителот, кој не презентираше ниту еден доказ за потребата од задржување на настојателот на Лаврата во притвор.
За време на рочиштето беше објавено дека починал еден од народните пратеници што беа подготвени да го земат владиката под гаранција — Владимир Мороз (24.10.1967 – 21.04.2025). За тоа информираше друга жирант, пратеничката на Врховната Рада на Украина Викторија Гриб.
На 24 април 2025 годинава се наврши една година од апсењето на митрополитот Арсениј од страна на Украинската служба за безбедност. Тој е обвинет за наводно ширење воени информации преку видеообраќање на YouTube, за што му се заканува казна до осум години затвор. Во текот на притворот, Арсениј се соочува со тешки услови, влошено здравје и судење што се води зад затворени врати. Лаврата и верниците од Украина и странство постојано му даваат молитвена и правна поддршка.
Митрополитот Арсениј негира вина по однос на сите обвиненија.
Извор: https://spzh.eu/ru/news/85988-apelljatsionnyj-sud-ostavil-mitropolita-arsenija-za-reshetkoj