Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј, кој по благослов на Патријархот Московски и на сета Рус Кирил престојува во работна посета на Кипар, на 22 јули оствари повеќе средби со архијереи на Црквата на Кипар.
Во рамките на посетата, митрополитот Антониј ја посети Митрополијата Морфу, каде што во својата резиденција во селото Евреху беше срдечно пречекан од надлежниот митрополит Неофит.
Истиот ден тој престојуваше и во метохот на манастирот Кику во Никозија, каде што имаше братска средба со игуменот на манастирот, митрополитот на Кику и Тилириски Никифор.
На крајот од својата посета на Кипар, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски се сретна и со митрополитот Лимасолски Атанасиј, со кого го посети катедралниот храм посветен на Пресвета Богородица.
За време на средбите беа разгледани различни прашања поврзани со меѓуправославните односи.



