Младинските кампови на Црквата на Албанија – инвестиција во иднината

Од 23 до 30 јули 2026 година, во двата најважни духовни центри на корчанската митрополија на Црквата на Албанија: Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Бобоштица, за девојки, и манастирот „Свети Јован Крстител“ во Москополе, за момчиња, се одржаа национални младински кампови со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Јован и со поддршка на митрополитот Корчански, Неговото Високопреосвештенство г. Анастасиј.

„Атмосферата во овие денови сведочеше дека Црквата продолжува да биде едно големо семејство, каде што младите не се сметаат само за нејзина иднина, туку и за нејзина сегашност, како што нагласуваше и нашиот блажен Архиепископ г. Анастасиј. Секој ден од кампот беше исполнет со молитва, Божествена Литургија, христијанска настава, историја и христијанско пријателство. Ова искуство им помогна на учесниците да разберат дека верата е начин на живот кој се доживува во заедница“ – се вели во известувањето од Албанската Црква.

Централно место зазеде учеството во литургискиот живот на Црквата. Младите присуствуваа на празнувањата на света Ана и света Петка (Параскева) во Корча, како и на празникот на свети Пантелејмон во Тушемиште, Поградец, каде што на светите богослужби чиноначалствуваше Митрополитот Анастасиј. Исто така, на празникот на света Ангелина, на 30 јули, се служеше Бдение во манастирот „Свети Јован Крстител“.

Програмата беше збогатена со посети на некои од најважните споменици на црковното наследство: црквите во Виткуќ (Високуќи), црквата „Свети Константин и Елена“ во Дреново, црквите во градот Корча, црквата „Свети Георгиј“ во Шипска, како и многуте богатства на Москополе, се претворија во отворени училници каде што водичи беа професорот по историја на Универзитетот во Тирана, г. Анди Рембеци и г. Сокол Чунга.
Особено импресивна беше посетата на Иконографскиот музеј во Корча, каде што младите имаа можност одблизу да го разгледаат духовното богатство на православната иконографија.

На овој камп учествуваше и група млади луѓе од Соединетите Американски Држави, придружувани од отец Никола, свештеник во црквата „Свети Петар и Павле“ при Албанската православна архиепископија во Америка, која е предводена од Неговото Високопреосвештенство г. Никодим.

Еден од најважните столбови на кампот беше духовното образование. Митрополитот Анастасиј одржа предавање на темата: „Патуваме со Христа“. Програмата, исто така, беше збогатена со предавањата на професорите Анди Рембеци, Сокол Чунга, Генц Поло и Илда Мара, како и со теолошките размислувања на Димитар Ќосја и Темистокли Бамбули. Драгоцен придонес дадоа и свештениците Илија Котнани и Михал Санелари, кои со младите го споделија своето пастирско искуство и им помогнаа подобро да ги разберат предизвиците на христијанскиот живот во современиот свет.

Извор: https://media.ngjallja.org/kampet-rinore-te-kishes-orthodhokse-autoqefale-te-shqiperise-investim-per-te-ardhmen преку: https://zivotcrkve.rs/blog/omladinski-kampovi-albanske-pravoslavne-crkve-ulagane-u-buducnost