Со благослов на Рускиот Патријарх Кирил, на информативните табли и веб-страниците на храмовите и манастирите во Русија почнаа да се поставуваат летоци со информации за новата мобилна апликација „Помош за бездомни луѓе“. Апликацијата е развиена од вработените во центарот за помош на бездомни „Топол прием“, со поддршка на Синодскиот оддел за црковна добротворност и социјално служење на Руската Православна Црква.
Апликацијата овозможува брзо да се пронајдат прифатилишта, бесплатни народни кујни, како и медицински и социјални пунктови за помош на бездомни во кој било регион на Русија.
„Синодскиот оддел за добротворност одамна соработува со проектот ’Топол прием’ и со неговиот раководител Илија Кусков, — вели претседателот на Одделот, протојереј Михаил Потокин. — Новата апликација е важен инструмент за помош. Во Црквата се создадени различни проекти за помош на бездомните, а исто така работат и државни и невладини служби. Но, не сите луѓе знаат за нивното постоење. Се надевам дека благодарение на новата апликација нашите парохијани, социјалните работници, сестрите на милосрдието, доброволците и сите луѓе со добра волја ќе можат побрзо да му помогнат на бездомниот човек“.
„Првично нашата организација издаваше ’Прирачник за бездомни’, кој ги опфаќаше сите сервиси за помош на бездомните. Потоа решивме да го дигитализираме, за секогаш да може да се ажурираат информациите за социјалните проекти. Така се појави идејата да се создаде апликација, — раскажува директорот на „Топол прием“ Илија Кусков. — Ние не само што ја проширивме листата на установи што помагаат, туку вклучивме и картичка со детални информации за секоја од нив: адреса, работно време, контакт телефон, услугите што ги нудат итн. Апликацијата содржи и детално упатство за укажување прва помош на бездомни, овозможува да се изгради рута до пунктот за помош и да се изврши повик кон организацијата без рачно внесување на бројот. Се надеваме дека нашиот проект ќе им овозможи на корисниците активно да се снаоѓаат за да обезбедат навремена поддршка за бездомните“.
Како што истакнуваат креаторите на проектот, во базата на апликацијата се вклучени само државни, православни и општествени организации кои работат во рамките на федералниот закон „За основите на социјалното обслужување на граѓаните во Руската Федерација“.
„Топол прием“ е општествено-црковен проект за помош на бездомни лица, кој функционира од 2017 година. Во прифатилиштето истовремено можат да престојуваат до 70 лица. Им се обезбедува привремено сместување, пет оброци дневно, помош од социјален работник, лекар и психолог. Прифатилиштето е опремено и за лица со попреченост. Бездомните се примаат преку мобилна служба, автобус на милосрдието и улични социјални организации. Во 2023 година „Топол прием“, со поддршка на Фондот за претседателски грантови, отвори специјална кожарска работилница.
Денес, со учество на Црквата, функционираат повеќе од 100 проекти за помош на бездомните, вклучително прифатилишта, пунктови за затоплување и мобилни служби за помош.
