Поглаварот на Молдавската Православна Црква, Архиепископот Маркел Белцски и Фалештски ги обвини Романската Православна Црква и романските власти за насилно заземање цркви во Молдавија, кои ѝ припаѓаат на Молдавската православна црква. Тој го изјави ова во контекст на инцидентот за црква во селото Гринауци, која се обидуваат да ја заземат свештеници на Бесарабската митрополија на Романската патријаршија.
Православната црква на Молдавија е самоуправен дел на Руската православна црква, а основана е во 1813 година и денес има повеќе од 1200 парохии во шест епархии. Во 1992 година, на територијата на Молдавија се појави Бесарабската митрополија на Романската патријаршија, но Молдавската митрополија и владата на републиката, плашејќи се од црковен раскол, долго време не се согласуваа да биде регистрирана. Во 2001 година, Европскиот суд за човекови права го одобри барањето на поддржувачите на Бесарабската митрополија и властите ја регистрираа.
„Како крадец среде ноќ дејствува Бесарабската митрополија и целата романска политика кон нас Молдавците. И можно е да има уште вакви случаи, бидејќи романската влада и Романската патријаршија не штедат пари за купување на молдавските парохии“ – рече Архиепископот Маркел пред новинарите. Тој предупреди дека би можеле да се повторат слични инциденти, бидејќи Романската патријаршијата и романската влада трошат огромни суми за „купување на молдавските парохии“, вклучително и „европски пари“ кои се насочени „за уништување на руското православие“.
Претходниот ден неколку локални телевизии известија за конфликтот во селото Гринауци во реонот Ришкани во републиката, каде што локалната црква на Молдавската православна црква се најде во центарот на конфронтација меѓу верниците од двете јурисдикции. Претставници на Бесарабската митрополија се обидоа да ја окупираат црковната градба, што предизвика тензии во заедницата. Според молдавските медиуми, обидот за заземање траел неколку часови.
