Молебен и литија во Софија за воведување Веронаука во образовната програма

Илјадници граѓани учествуваа во литијата „Добродетели и религија во училиштето“, организирана од граѓански здруженија и поддржана од Светиот Синод на Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија, на 17 мај 2025 година во Бугарската престолнина, Софија.

Пред почетокот на литијата, во Патријаршискиот катедрален храм „Св. Александар Невски“, неговата Светост Бугарскиот Патријарх и Софиски Митрополит Даниил отслужи молебен, на кој молитвено учество зедоа и нивните Високопреосвештенства: Ловчанскиот митрополит Гавриил, Неврокопскиот митрополит Серафим, Видинскиот митрополит Пахомиј, и нивните Преосвештенства: Мелнишкиот епископ Герасим – генерален секретар на Светиот Синод, Велбуждскиот епископ Исаак – викар на Софискиот митрополит, Константијскиот епископ Михаил – викар на Ловчанскиот митрополит, Знеполскиот епископ Мелетиј – ректор на Софиската духовна семинарија „Св. Јован Рилски“, како и свештенство од Софија и од други епархии од земјата.

По молебенот, пред катедралниот храм, патријархот Даниил им се обрати на верниците:

„Ви благодарам на сите вас што денес дојдовте да ја поддржиме долгогодишната иницијатива, започната од Светиот Синод уште во почетокот на 90-тите – веднаш по демократските промени – за враќање на предметот веронаука, или како што сега е работното име: ’Добродетели и религија’ во редовната наставна програма.“

Тој им се заблагодари и на Министерството за образование и наука, особено на министерот Красимир В’лчев, за храброста да се преземе чекор за враќање на овој предмет во наставата.

Патријархот истакна дека воведувањето на предметот во наставата ќе овозможи продолжување на делото на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици. Без верата, рече тој, не може да се разбере нашата историја, култура и писменост.

„Денес гледаме до каква бездуховност и распад на вредностите и семејството доведе маргинализирањето на верата и веронауката. Во природата и во човечката душа нема празнина – ако не се исполнат со добро, гревот и бездуховноста ќе го направат своето.“

Патријархот повика на тивка, но решителна поддршка за воведувањето на предметот, како израз на волјата на мнозинството народ. Тој ги осуди аргументите дека немало место за религијата во модерното општество, како „голема заблуда“.

„Многуте плакати со мисли на нобеловци и научници кои биле верници сведочат дека верата не е пречка, туку поттик за вистинско научно истражување.“

Тој праша:

„Што е научно во тоа да ги отфрлиме нашите предци? Што научно има во тоа да го заборавиме делото на светите Кирил и Методиј, на Седмочислениците, на свети Паисиј и просветителите од нашето Воскресение, чие дело е втемелено врз верата и љубовта кон народот?“

Митрополитот Гавриил од Ловеч, основач на првото православно училиште во Бугарија, рече:

„Пред шест години создадовме училиште под покровителство на БПЦ, посветено на светите Седмочисленици. Нашите деца сега гледаат на светот со очите на Христовата вера и љубов, почувствителни се кон туѓата болка, го почитуваат животот, родителите и учителите, знаат да простуваат и да ја избегнуваат гревовната световност.“

Тој се присети и на зборовите на епископ Партениј од 70-тите години:

„Младите денес немаат радост. А за да има радост, потребна е чиста совест. А чистата совест се стекнува со запознавање на Христос и Неговите заповеди – љубов, смирение, милосрдие.“

„Најголемото богатство на една земја не е материјалното, туку децата кои растат како добри луѓе. Ако ги учиме децата на добродетел, Господ ќе ја благослови и со материјално онаа земја.“

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/moleben-i-litiyno-shestvie-v-podkrepa-na-predmeta-dobrodetel