Во втората недела од Великиот пост, посветена на светиот Григориј Палама, по Божествената Литургија, отците од светогорскиот манастир Ватопед, заедно со игуменот Ефрем, отидоа да се поклонат на местото каде се подвизувале преподобниот Никодим Исихаст и свети Григориј Палама, недалеку од манастирот, и таму отслужија молебен.
Манастирот Ватопед во текот на XIV век претставувал силен, процутен и прочуен центар на исихазмот. Затоа во него и околу него се собрале значајни исихастички личности како што се светите: Сава Нови, Григориј Палама, Филотеј Кокин и Никодим Исихаст. „Сите тие биле ревносни бранители на исихастичкото искуство и богословие и го избирале како место на својот подвиг или самиот манастир или соседните ќелии.“
Преподобниот Никодим се подвизувал во ќелија близу манастирот Ватопед во почетокот на XIV век. Таму свети Григориј Палама го нашол како се подвизува, и поради неговата голема добродетел посакал да остане со него. Пребивајќи покрај преподобниот Никодим, свети Григориј имал совршена послушност, постојан пост и бдение, непрестајна молитва, топла љубов кон Пресвета Богородица, јавувања на светии и високи духовни состојби, во кои го водел и го одржувал созерцателниот и расудлив преподобен Никодим.
Сите биографи на свети Григориј Палама се осврнуваат на неговиот старец, преподобниот Никодим, и го нарекуваат: „храбар и чудесен монах во делото и во созерцанието, познат по својата добродетел на цела Света Гора“.
Извор на овие информации е свети Филотеј Кокин. Според свети Филотеј, свети Григориј Палама останал кај преподобниот Никодим три години (1319–1322), сè до блаженото упокојување на преподобниот старец.

