Молитвен почеток на Светиот Архиерејски Собор на Српската Црква

Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква започна на 13 мај 2026 година со света Литургија во спомен-храмот „Св. Сава“ во Белград, со која началствуваше Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј, со сослужение и молитвено учество на соборските отци.

На собраните архиереи и верниот народ, по читањето на светото Евангелие, им се обрати Високопреосвештениот Митрополит тимочки г. Иларион, кој, помеѓу останатото, истакна:

„Евангелието што го слушнавме вели: ’За суд дојдов Јас во овој свет’. Тоа Господ им го кажува на оние фарисеи и Јудејци собрани околу Него. За суд – за оние што не гледаат да прогледаат, а оние што мислат дека гледаат да станат слепи. На тој Христов збор веднаш се појавија критичарите, оние што се сомневаат, оние што имаат свои планови надвор од Божјите планови, со прашањето: ’Зар сме и ние слепи?’ А Господ им одговара како самата премудрост Божја: ’Кога би биле слепи, не би имале грев; а вака велите: гледаме, па затоа вашиот грев останува’.

И оваа една реченица, и средбата и Христовиот збор, драги браќа и сестри, треба да нè утврдуваат во верата, во фактот и сознанието за сè она што се случува во овој свет низ целата негова историја, па и во денешно време, дека секој оној што е спротивен на Христовото Евангелие, спротивен на Неговата Црква, и кој има поинакво гледиште, треба добро да се запраша дали навистина е слеп. А Христос тоа недвосмислено го укажува, го објаснува и, не запирајќи на тоа, нè води понатаму низ приказната за пастирот и овците, за таа чудесна тајна на познанието дека оние што имаат љубов и послушание, тие го слушаат, разбираат и го препознаваат гласот на својот пастир и нема да тргнат по други, лажни пастири и учители, туку како што вели: ’Овците Мојот глас го слушаат, и Јас ги викам по име, и тие одат по Мене во послушание и кротост, дури и ако тоа биде преку Голгота која е неизбежна на патот до воскресението, туку послушните и смирени и кротки овци одат по Христовиот пат дури и на заколение ако тоа е потребно по волјата и допуштението Божјо’.“

Работниот дел на највисокото архијерејско, црковно-законодавно и црковно-судско тело на Српската Православна Црква, Светиот Архијерејски Собор, под претседателство на Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј и со учество на високопреосвшетените и преосвештените епархиски архиереи започна на 14 мај 2026 година, во криптата на спомен-храмот на Свети Сава во Белград.

Според постапката определена со Деловникот за работа, заседанието започнува со усвојување на дневниот ред кој го сочинуваат пристигнатите предмети доставени од страна на Светиот Синод, а продолжува со разгледување на извештаите за архипастирската работа на сите епархиски архиереи, централните црковни тела, органи и установи. На крајот од заседанието Соборот ќе издаде соопштение за јавноста за својата работа.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//16663.molitveni-pocetak-svetog-arhijerejskog-sabora.html