Мошти на свети Јован Златоуст во Букурешт

Чесната глава на св. Јован Златоуст беше донесена во Патријаршискиот соборен храм во Букурешт од Света Гора, на 11 јули 2025 година, по повод летниот празник на св. Димитриј Нови.

„Присуството на моштите на св. Јован Златоуст во Романија не е само можност за поклонение и молитва, туку и повик за подлабоко слушање на Божјото Слово“ – рече патријархот Даниел за време на пречекот во Патријаршискиот соборен храм.

„Како што св. Јован Златоуст беше достоен да добие директно вдахновение од св. апостол Павле за толкувањето на Светото Писмо, така и ние сме повикани да ги отвориме нашите срца за да го чуеме Божјиот глас во нашите животи“ – додаде Неговото Блаженство.

Моштите ги донесе делегација предводена од архимандритот Ефрем (Куцу), од манастирот Ватопед.

Во својот говор во храмот, игуменот на Ватопед истакна дека св. Јован Златоуст не бил само мисионер, туку и голем подвижник, „човек на послушание кој се потчинил на духовен отец и се посветил на молитвата и на послушанието“.

Архимандритот Ефрем Ватопедски раскажа за чудо на кое бил сведок, имено, некој човек пристигнал на патерици за да се поклони на моштите, на главата на св. Јован Златоуст и си заминал исцелен.

„Чин со големо духовно значење“

Патријархот Даниел истакна дека донесувањето на тие свети мошти во Букурешт, за да им се оддава почит заедно со моштите на св. Димитриј Нови, претставува „чин од големо духовно значење“.

„Како што во V век, св. Прокло ги донел моштите на св. Јован Златоуст од Коман во Константинопол за помирување и благослов на царската престолнина, така и денес овие свети мошти доаѓаат да ѝ донесат благослов на нашата престолнина и на целата земја“ – забележа патријархот Даниел.

Неговото Блаженство додаде дека оваа година се навршуваат 251 година откако моштите на св. Димитриј Нови беа донесени во Букурешт во 1774 г., што на овогодинешниот пречек на моштите на св. Јован Златоуст му дава „навистина посебно значење“.

„Овие двајца големи светии, иако живееле во различни времиња, се обединети во нивната заедничка молитва за романскиот народ, за грчкиот народ и за целото Православие“.

За време на церемонијата по приемот, на игуменот Ефрем му беше доделен Патријаршиски крст.

Чесната глава на св. Јован Златоуст е поставена за јавно поклонение во Патријаршискиот соборен храм, покрај моштите на св. Димитриј Нови. Моштите ќе бидат во Букурешт до среда, 16 јули.

Извор: https://basilica.ro/en/saint-john-chrysostom-relic-bucharest-patriarchal-cathedral-2025/