Моштите на светата Литванска принцеза од 13 век беа откриени за време на обновата на црквата во Велики Новгород, 500 километри северозападно од Москва.
Беше познато дека моштите на света Харитина Литванска се погребани во Црквата „Свети Петар и Павле“ на Синичја Гора, но истражувачите не беа сигурни точно каде. Меѓутоа, за време на реставраторските работи во древната црква (од 12 век), нејзините мошти беа најдени и идентификувани, најави Негово Високопреосвештенство Митрополитот Лав Новгородски на неодамнешна богослужба, јавува Управата на Новгородската област.
„Долго време ги баравме моштите на светицата. Археолозите првично направија некои грешки, почнувајќи ископувања од јужната страна, додека историските информации укажуваа дека таа била препогребана на северозападната страна на црквата. Таа била погребана во дрвен ковчег, кој се распаднал. Превезот што ја покривал бил извезен со златни и сребрени нишки. Ова беше утврдено од остатоците, нишки пронајдени во областа на челото. Таа била игуманија на манастирот, а лицата на монасите се покриваат при погребението” – објасни Митрополитот.
Црквата, споменик заштитен од УНЕСКО, беше во сериозно лоша состојба до нејзиното префрлање под управа на Новгородскиот музеј во 2019 година. Обновата конечно започна во 2024 година со поддршка на Одборот на музејот и локалните и федералните власти. Проектот веќе заврши значителни реновирања, вклучително зацврстување на темелите, обнова на фасадата, работи на покривот и електричната инсталација.
Црквата „Свети Петар и Павле“ на Синичја Гора е еден од ретките преостанати споменици на архитектурата од предмонголскиот период на Новгород. Нејзината уникатна градежна техника истражувачите ја поврзуваат со традицијата на мајсторите од Полоцк. Таа беше вклучена во листата за светско наследство на УНЕСКО, заедно со други новгородски цркви, во 1992 година.
Свети Филарет Черниговски пишува за света Харитина:
Според историските записи, света Харитина била по раѓање литванска принцеза, а аскетски се подвизувала во женскиот манастир на „Свети Петар и Павле“ на Синичја Гора, во Новгород.
Времето на нејзините аскетски подвизи е нејасно наведено во записите, така што се утврдува преку претпоставки. Меѓутоа, ова време може да открие нешто карактеристично за духовниот живот на принцезата. Познато е дека камената црква на манастирот, каде почиваат моштите на светителката, е изградена во 1192 година.
Ако Црквата „Светите Петар и Павле“ веќе постоела кога блажената Харитина почнала да живее во Новгород, тогаш нејзиното време во Новгород треба да се припише на 13 век. Исто така, познато е дека втората половина на 13 век е бурно и крваво време за Литванија. Во 1265 година, многу членови на литванското кнежевско семејство избегаа од Литванија во Русија: Кнезот Довмонт во Псков, а синот на кнезот Таутвилас со неговиот двор побегна од Полоцк во Новгород.
Според хрониките, Новгородците тогаш сакале да ги убијат Литванците кои избегале кај нив поради претходните напади на Литванија врз Новгород, но кнезот Јарослав не дозволил тоа да се случи. Така станува јасно дека принцезата Харитина Литванска била меѓу оние прогонети во бурните времиња.
Одбиена од светот, таа не побарала ништо повеќе од него и го посветила целиот свој живот на служење на Господа. Откако ги примила монашките завети, поради нејзиниот добродетелен живот, таа била поставена за игуманија на манастирот и станала пример на смиреност, чистота и строга воздржаност за оние кои биле под нејзина грижа сè до нејзината смрт. Значи, на христијанската добродетел не ѝ треба земна среќа за да процути; таа расте уште посилна преку тешкотиите и го издига својот посветен следбеник од земјата до Небото.
Според записите, принцезата Харитина починала на 5 октомври во 6000-тата или 7000-тата година (според стариот пресметковен модел – од создавањето на светот). Претворајќи го овој неодреден период во поконкретна дата, врз основа на хрониките, веруваме дека светата принцеза и игуманија ги завршила своите духовни подвизи на 5 октомври 6790 година од создавањето на светот, т.е. 1281 година по Христа.
Од 1764 година, црквата „Светите Петар и Павле“, каде нејзините мошти почиваат под земјата, е гробна црква на при Новгородската света Софија. Нејзиниот спомен се слави на 5/18 октомври.