Моштите на свети Георгиј Неаполитски добија постојано почивалиште

Моштите на свети Георгиј Неаполитски, кои во 1924 година биле пренесени од Мала Азија во Грција, добија постојано почивалиште во храм изграден во негова чест, со што се исполнува желба стара повеќе децении.

На 2 ноември 2026 година, со литија моштите беа пренесени низ улиците на Неа Јонија, од храмот „Свети Евстатиј“, каде што се чуваа досега, до новиот храм „Свети Георгиј Неаполитски“, кој се наоѓа во Јонскиот центар. Нетлените мошти на светиот новомаченик се мошне почитувани од заедницата на доселениците од Мала Азија во овој крај, а свети Георгиј е заштитник на локалната митрополија.

Стотици луѓе од сите возрасти ја следеа литијата по нејзината траса, додека многумина други се собраа покрај булеварот Ираклион за да им оддадат почит на светите мошти. Верниците го посипуваа патот на литијата со ловорови гранчиња, кои од дамнина се симбол на воскресението, надежта и љубовта. Литијата ја предводеше митрополитот Јонски Гавриил, во сослужение со други архијереи и свештенослужители. Кога моштите пристигнаа во дворот на Јонскиот центар, беа пречекани од свештенството, а потоа беше отслужен чинот на отворање на вратите на новиот храм, по што следеше големото празнично богослужение.

Следниот ден, во новото почивалиште на светите мошти, беше отслужена архијерејска Божествена Литургија.

За светителот

Свети Георгиј бил свештеник од Неапол во Мала Азија, денешен Невшехир во Турција. Служел како парохиски свештеник во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во својот роден град. Бил познат по својата побожност, чесност и посветеност на Господовите заповеди, а за своето паство се грижел со праведност и светост. Се одликувал со трпение при неправдите, смирение, кротост и несебична љубов кон ближните.

Во 1797 година, христијаните од селото Малакопи, оддалечено околу шест часа патување од Неапол, го поканиле да ја отслужи Божествената Литургија на голем празничен ден, бидејќи нивниот свештеник бил болен. Според друго предание, тој се засолнил во ова село за да избега од прогонствата од страна на припадници на други вероисповеди.

Кога се приближувал кон Малакопи, на местото наречено Компија-Дере, што значи „клисура“, бил брутално нападнат од локални овчари. Напаѓачите го ограбиле, го мачеле и на крајот му ја отсекле главата.

Моштите на свети Георгиј биле пронајдени цели и нетлени, исполнувајќи ја околината со небесно благоухание. Нивното пронаоѓање се случило откако една побожна и богобојазлива вдовица имала видение. Најпрвин моштите биле чувани во домот на свештеникот и собрат на светиот, отец Неофит, а по неговата смрт биле пренесени во парохискиот храм во Неапол.

Таму им се поклонувале митрополитите Паисиј, Клеовул и Јован Кесариски, кои често го посетувале Неапол. Тие се восхитувале на Божјата благодат што ја примил светиот и го препознавале неговото чудотворно дејствување.

По Малоазиската катастрофа, во 1924 година, моштите биле пренесени во Грција во рамките на размената на населението и биле положени во храмот „Свети великомаченик Евстатиј“ во Перисос, во областа Атика.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/mitropolitiko_ergo /ι-μ-νέας-ιωνίας-και-φιλαδελφείας/to-iero-skinoma-tou-agiou-georgiou-tou-neapolitou-sti-nea-tou-estia-sto-ioniko-kentro-pandimi-i-metakomidi-vinteo-foto/