Московскиот Патријарх го посети повредениот Митрополит Митрофан во болница

На 1 септември 2026 година, по завршувањето на Божествената Литургија во Донскиот ставропигијален машки манастир во Москва, Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил пристигна во Централната клиничка болница „Св. Алексиј, Митрополит Московски“, каде што го посети Митрополитот Горловски и Славјански Митрофан, кој се лекува во болницата. Патријархот беше придружуван од личниот секретар, Епископот Раменски Алексиј.

Имено, на 23 август територијата на Богојавленскиот катедрален храм во Горловка беше нападната од вооружените сили на Украина, при што Митрополитот Митрофан беше ранет во напад со беспилотно летало, како што известивме. На местото на настанот на владиката му беше укажана квалификувана медицинска помош, а во моментов тој се лекува во Москва.

Во разговорот, Митрополитот Митрофан истакна дека станувало збор за намерно насочен напад врз него, а пред Патријархот детално ги опиша околностите на нападот.

„Излегувајќи од храмот по завршувањето на богослужбата, видов дрон како лета над верниците. Почнав гласно да викам да се тргнат, знаејќи дека имаат само неколку секунди да се спасат. Јас последен влегов во автомобилот, а дронот почна да се движи кон нас. Возачот се обиде со маневри да го избегне нападот, а јас, сфаќајќи дека немам време, скокнав колку што можев подалеку од местото на ударот. Дронот експлодираше веднаш до нас“, раскажа Митрополитот Митрофан.

Од своја страна, видно потресен, Патријархот Кирил истакна:

„Семилостивиот Бог ве спаси од сигурна смрт. Зашто можеше да се случи никој да не остане жив — и тоа е факт.“

Патријархот Кирил изрази и уверување дека, со помош на искусниот медицински персонал, повредите на Митрополитот Митрофан целосно ќе заздрават и дека тој наскоро ќе може да се врати на своите значајни пастирски должности.

Пред заминувањето, Патријархот Кирил во дворот на болницата накратко разговараше со лекарите и медицинските сестри, изразувајќи им благодарност и упатувајќи им добри желби за грижата што им ја пружаат на пациентите.

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/78382-o-patriarxis-mosxas-ston-travmatia-mitropoliti-gorlovka-mitrofani