Московскиот патријарх Кирил се сретна со амбасадорот на Иран во Русија

На 30 јули 2026 година, во Патријаршиската резиденција во Даниловскиот манастир во Москва, се одржа средба на Неговата Светост патријархот Московскиот и на сета Рус Кирил со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Исламската Република Иран во Руската Федерација, Казем Џалали.

Поздравувајќи го гостинот, поглаварот на Руската Православна Црква со топлина се присети на нивната последна средба:

„Разговаравме за нашите билатерални односи и за важноста на дијалогот меѓу нашите религии. Многу ми е драго што повторно го обновуваме нашиот братски дијалог и контакт.“

Амбасадорот му врачи на поглаварот на Руската Православна Црква писмо од сегашниот водач на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во кое тој му изразува благодарност на Неговата Светост, патријархот Кирил, за сочувството по повод убиството на неговиот татко, ајатолахот Али Хосеини Хамнеи, во февруари оваа година, како и за честитката по повод неговиот избор за лидер на Исламската Република Иран. Во писмото, исто така, се нагласува важноста на длабоките односи меѓу народите на Русија и Иран, како и потребата тие да продолжат и понатаму да се развиваат.

„Со болка ги примам вестите за страдањата на луѓето поради продолжените воени судири во различни делови од светот, и, секако, сочувствувам со она што се случува и во Исламската Република Иран“, рече поглаварот на Руската Православна Црква. „Се молам за сите што поминуваат низ тешки искушенија; за оние што ги загубиле своите најблиски, како и за што поскоро да настапат мирот и правдата. Верувам дека и во најтешките времиња мора да ја зачуваме стремежот кон дијалог и меѓусебно почитување и на секој начин да придонесуваме за запирање на насилството и конфликтите, за меѓу претставниците на нашите религии да владеат мир и меѓусебно разбирање.“

Неговата Светост високо го оцени континуираниот дијалог меѓу Руската Православна Црква и Иран:

„Заедничката комисија што ја формиравме за дијалог меѓу Православието и исламот покажува колку се блиски нашите ставови за многу современи прашања. Овој дијалог трае веќе многу години, но Комисијата не ја изгубила својата актуелност. Можеби токму затоа што и едните и другите чувствуваме дека православните и муслиманите имаат блиски погледи за многу прашања што денес се на дневен ред.“

Патријархот Кирил ги наброја областите во кои ставовите на православните и муслиманите се совпаѓаат и кои претставуваат цврста основа за понатамошен дијалог: прашањата на моралот и етиката, улогата на религијата во општествениот живот, како и односот кон семејството и бракот.

„Многу е важно ние, како традиционални религии, да ги чуваме Божјите заповеди и да ги зачуваме оние вредности чие уништување може да доведе до уништување на човечката личност и на целото општество“, нагласи патријархот Кирил.

Неговата Светост, исто така, ја истакна важноста на академскиот дијалог меѓу иранските верски училишта и Казанската духовна семинарија, кој веќе дава практични резултати и ќе придонесе за понатамошен развој на билатералните односи.

Во текот на разговорот, амбасадорот Казем Џалали спомена дека на церемонијата на простување од врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хосеини Хамнеи, присуствувале високи претставници на Руската Федерација, меѓу кои и заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев. На церемонијата учествувале и муслимански верски водачи, како и претставници на Руската Православна Црква, истакна дипломатот.

„Од ден на ден, односите, врските и контактите меѓу Русија и Иран се развиваат“, рече Казем Џалали. „Зошто? Затоа што тие ги нагласуваат човечките вредности и затоа што главната алка што нè поврзува е ширењето на духовноста во светот.“

Иранскиот амбасадор уште еднаш подвлече дека значењето на семејството, мирот и правдата се вредности што ги обединуваат двете држави и нивните народи.

„Во моментов се наоѓаме во ‘златен период’ на односите и нашите лидери многу добро се разбираат меѓусебно. Исклучително сме среќни што меѓу исламот и Православието постојат многу добри и цврсти врски“, заклучи Казем Џалали.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/94467/