На Белград му се потребни уште најмалку сто храмови

На многу места во Белград е потребен храм, односно, српската престолнина има потреба од најмалку уште сто храмови, порача српскиот патријарх Порфириј на осветувањето на камбаните на храмот „Свети Јован Владимир“, во белградската населба Медаковиќ. 

– Според стандардите во Европа, на Белград му се потребни најмалку сто храмови – изјави патријархот Порфириј и додаде дека верува оти и на останатите Белграѓани, како и нему, им е тешко кога гледаат дека некои луѓе се противат на иницијативата да се изгради храм според потребите. 

Оваа изјава го актуализира прашањето за јазот меѓу урбанистичкиот развој на градот и духовните потреби на Белграѓаните. Според податоци од пред неколку години, во Белград има 62 верски објекти, вклучувајќи џамија и синагога, а неколку православни цркви се во изградба. 

– За да ја согледаме вистинската потреба за планирање нови православни храмови во Белград, треба да ја анализираме неусогласеноста на планирањето со развојот на градот во последните осумдесет години – изјави за „Новости“ ѓаконот Мирослав Д. Николиќ, архитект во Архиепископијата белградско-карловачка. 

Во Белград, пред почетокот на Втората светска војна, во 1939 година, биле завршени градежните работи на црквата „Свети Марко“. Поради воените настани, работите биле прекинати, а црквата била завршена и осветена дури во 1948 година. За време на комунистичката власт, следните четири децении во Белград не бил изграден ниту еден православен храм. Првиот што бил изграден по Втората светска војна бил храмот „Собор на српските светители“ во населбата Карабурма, осветен на 13 ноември 1988 година, кој според димензиите повеќе соодветствувал на селска црква. Десет години подоцна, на 31 мај 1998 година, бил изграден и осветен вториот храм по војната, посветен на Свети Јован Владимир, во населбата Медаковиќ. 

– Во тие пет децении, многу помали приградски населби прераснаа во големи општини – вели ѓаконот Николиќ. Урбанистичкиот развој и планските проекти не ги следеле потребите за изградба на православни храмови. Планирањето на училишта, продавници, пазари и други објекти не ги земало предвид духовните потреби на населението. 

Според важечките урбанистички норми, радиусот од еден километар или 10-15 минути пешачење се смета за оптимален пристап за граѓаните. Овие услови ја нагласуваат потребата за планирање нови локации за изградба на храмови. Според Николиќ, најголемиот број нови храмови се изградени во предградијата на Белград, но жителите на многу урбани населби и понатаму живеат на повеќе километри оддалеченост од најблискиот храм. 

Од сето ова е јасно дека изјавата на патријархот Порфириј дека Белград има потреба од голем број нови православни храмови е заснована на принципите на урбанистичко планирање. 

Извор: https://spc.rs/urbanisticki-planovi-nisu-prepoznavali-duhovne-potrebe-zitelja-beograda/