Митрополитот Тихик (лево) и Архиепископот Георгиј (десно)
На 22.05.2025 година, Синодот на Кипарската Црква донесе одлука за детронизирање, односно отстранување од управување со епархијата, на Митрополитот на Пафос г. Тихик. Важно е да се нагласи дека одлуката беше донесена со 10 гласови „за“ и 6 гласови „против“. Помеѓу архијереите кои гласаа „против“ спаѓаат и Митрополитот на Лемесос Атанасиј и Митрополитот на Морфу Неофит, кои се глобално докажани во непоколебливото сведочење и исповедање на православната вера. Ова го нагласуваме, затоа што причините за ваквата одлука на Кипарскиот Синод ја засегаат должноста на секој православен архијереј да биде бескомпромисен во исповедањето на православното богословие и во неотстапувањето од чистотата на православната вера. Неговата одговорност пред Бога за тоа е огромна и повлекува сериозни последици.
Митрополитот Тихик беше избран и интронизиран за архијереј на митрополијата на Пафос пред неполни две години. Во конкретниов случај, тој не е обвинет за некаков т.н. морален престап или за т.н. финансиски малверзации. Неговото обвинение е од сосема друга природа, а, накратко, се состои во следново:
1. Одбил да даде благослов за венчавање на личност, која била од друга конфесија, а во Православната Црква била примена само со Миропомазание. Човекот, кој ја покренал целата хајка против Тихик, е некој влијателен припадник на грчката дијаспора во САД. Тој посредувал за друга личност да се венча во епархијата на Пафос. Но, откако било разгледано барањето, констатирано е дека таа личност била примена во Православната Црква само со Миропомазание, извршено во јурисдикцијата на Цариградската Патријаршија во САД. А таа личност претходно била крстена во „United Church of Christ“. Станува збор за религиозна организација, која е збир на неколку протестантски заедници. Митрополитот Тихик не го прифатил ова како валидно, а Кипарскиот Архиепископ Георгиј и архијереите кои гласаа за отстранување на Тихик тврдат дека сите се должни да го прифатат секое крштение извршено во име на Света Троица, па дури и во рамките на вакви религиозни организации.
2. Ракоположил свештеник, кој потоа ѝ се приклучил на група во Солун, која се одделила од Солунскиот митрополит, односно не го спомнува на богослуженијата. Во врска со ова, не се дадени никакви детали: ниту која е таа група, ниту поради кои причини дејствуваат така, ниту кој е тој новоракоположен свештеник и како е поврзан со Митрополитот Тихикос. Истовремено, до овој момент немаме објаснување за ова ниту од него.
3. Одбил да прими делегација од Ватикан за да донесе свети мошти.
Во период од неколку месеци, се појавиле интервенции за санкционирање на Митрополитот Тихик поради наведените негови постапки. Интервенирала грчката држава, a интервенирал и Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Следствено, Цариградската Патријаршија стои зад ставот за признавање на валидноста на крштението на „United church of Christ“. Сепак, не помалку забележителен е обидот за мешање на Цариградската Патријаршија во внатрешните работи на Кипарската Црква.
Синодот на Кипарската Црква одлучи да го отстрани Митрополитот Тихик од управување со епархијата, дозволувајќи му да остане архијереј и член на Синодот доколку потпише документ, за кој Архиепископот Георгиј вели дека би претставувало исповедање на верата. Потоа Синодот ќе му определи нова должност. Меѓутоа, во Уставот на Кипарската Црква е предвидено апелационо обраќање до Цариградскиот Патријарх во случај на спор што не може да биде разрешен. И така, во меѓувреме, Митрополитот Тихик се обрати до Цариградската Патријаршија со молба да биде разгледан неговиот случај. Во таква ситуација, Кипарскиот Синод е принуден да ја чека одлуката на Цариградската Патријаршија, која за него би била конечна. Цариград треба да донесе одлука во рок од шест месеци. Затоа, на закажаната синодска седница на Кипарската Црква на 23 јуни нема да се расправа за овој случај.
Извори: https://www.philenews.com/kipros/koinonia/article/1586773/etsi-exorgise-ton-patriarchi-o-tichikos-apokaliptika-ta-osa-anaferonte-se-katangelia-kipriou-kathigiti-panepistimiou-stis-ipa/, https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_kiprou/arxiepiskopos-kyprou-georgios-o-tyxikos-egine-organo-kapoion-allon-kyklon-vinteo/, https://eeod.gr/news/83844-mia-idiateri-synnteuxi-gia-tin-apfasi-tis-iers-syndou-schetik-me-ton-mitropolti-tychik и https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_kiprou/se-periodo-anamonis-i-ekklisia-tis-kyprou-meta-tin-prosfygi-tou-mitropoliti-tyxikou/