На Крф одбележан споменот на Јован Каподистрија

На 28 септември 2026 година, во манастирот „Пресвета Богородица Платитера“ на Крф беше отслужен помен за упокојување на душата на Јован Каподистрија, првиот гувернер на слободна Грција. Поменот го отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Keркирски, Паксиски и Диапонтски, г. Нектариј, во манастирот каде што се наоѓа и гробот на Каподистрија.

Јован Каподистрија бил роден на Крф, дипломат со големо меѓународно искуство, кој во јануари 1828 година ја презел управата на земјата по долгогодишната борба за независност. Во исклучително тешки услови, кога земјата била разурната од војната, тој работел на воспоставување на државната управа, обновување на економијата, развој на образованието и грижа за населението.

Особено внимание посветувал на децата без родители и на семејствата погодени од војната. Во 1829 година на Егина основал сиропиталиште, каде што сирачињата добивале не само храна и засолниште, туку и образование и можност за изучување занаети. Каподистрија се залагал и за развој на училиштата и за создавање услови за образование на што поголем број деца.

Каподистрија бил убиен во Нафплио на 27 септември 1831 година. Неговиот гроб се наоѓа во манастирот „Пресвета Богородица Платитера“ на Крф, каде што и денес редовно се одбележува неговиот спомен.

Каподистрија се почитува како прв Премиер на современата грчка држава, а неговото име го носат улици, институции и образовни установи низ Грција, помеѓу останатите и Атинскиот универзитет, еден од најстарите и најзначајните грчки универзитети, кој од 1932 година официјално го носи името „Национален и Каподистриски универзитет во Атина“.

На поменот присуствуваа претставници на локалните власти, образовните институции, вооружените и безбедносните служби, како и директори, наставници и ученици од училиштата на Крф. Присуствуваа и претставници на Црквата, монашкото братство на манастирот и други свештенослужители. За време на поменот пееше Детскиот хор „Свети Спиридон“, под раководство на г-ѓа Христина Калијариду, а на настанот присуствуваше и голем број народ.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/mitropolitiko_ergo/ι-μ-κερκύρας-παξών-και-διαποντίων-νήσω/mnimosyno-gia-ton-ioanni-kapodistria-stin-kerkyra-3/