На 4 ноември 2024 година, на денот на празнувањето на Казанската икона на Пресвета Богородица, Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил отслужи Божествена литургија во Патријаршискиот Успенски храм на Московскиот Кремљ. На овој ден во Русија се одбележува државниот празник – Ден на народното единство.
Пред почетокот на богослужбата Неговата Светост се поклони пред моштите на свети Филип, Митрополит Московски, по што ја прими чудотворната московска копија на Казанската икона на Пресвета Богородица, која беше пронајдена минатата година, и со неа ги благослови учесниците во богослужбата.
Покрај архијереите и јереите на Руската православна црква, на Литургијата сослужуваше и Преосвештениот Епископ Ремезијански г. Стефан од Српската православна црква. На богослужбата беа присутни и Заменикот-премиер на Србија Александар Вулин, Амбасадорот на Србија во Русија и дипломати од Српската амбасада во Москва.
Богослужбата ја пренесуваа телевизиските канали „Сојуз“ и „Спас“, како и официјалниот сајт на Руската православна црква.
На крајот, Патријархот Кирил ги благослови верниците и рече: „Уште еднаш, мои мили, срдечно ви го честитам овој значаен празник. Многу сум радосен што денес со нас служи владиката Стефан од Српската Црква. Се радувам на тоа што го гледам пред себе – храмот исполнет со верници. Ние сме во самиот центар на Светата Рус – во Успенскиот храм. Се радувам и на тоа што, и покрај сложените надворешни околности, сестрано се развива животот на нашиот народ, се зацврстува неговата самосвест, се зајакнуваат патриотските чувства на луѓето, готовноста да ја бранат својата татковина, а најважно – да ја чуваат православната вера, која е за сите нас утврдување.“