Според информациите на грчкиот црковен портал „Вима Ортодоскиас“, литија со свети икони се одржа на 10 ноември годинава, во сите манастири на Света Гора, во скитовите и ќелиите, според одлуката на Светата Киновија на Света Гора, а поради продолжената суша што трае веќе неколку месеци.
За време на литијата се читаа посебни молитви за добивање дожд во време на суша.
Во Кареа, административниот центар на Света Гора, каде се наоѓа Соборниот храм на Протатот и се чува чудотворната икона на Богородица „Достојно ест“, литијата се одржа по завршувањето на Божествената Литургија, придружувана од Протепистатот старец Симеон Дионисијатски и другите членови на Светата Управа, како и од отците од Кареа и дојдените поклоници.
Треба да се напомене дека во подрачјето на Кареа, заради огромниот број на поклоници оваа година, се јави сериозен проблем со недостиг на вода. Како што известува „Вима Ортодоксиас“, поклониците што ја посетиле Кареа во текот на летниот период, соопштиле дека водоснабдувањето било прекинувано навечер, заради штедење.