На 12 август 2024 година, архимандрит Васијан (Змеев), началник на Руската духовна мисија во Ерусалим, ја посети Ерусалимската Патријаршија, каде што беше примен од страна на Неговото Блаженство, Патријархот на Светиот град Ерусалим и цела Палестина, Теофил III, пренесува веб-страницата на мисијата.
Архимандрит Васијан беше придружуван од свештеникот на мисијата, јеромонахот Петар (Бородулин) и управничката на канцеларијата, монахињата Серафима (Иванчик). На средбата учествуваше и главниот секретар на Ерусалимската Патријаршија, архиепископот Константински Аристарх.
Архимандрит Васијан му го претстави на Неговото Блаженство Патријархот Теофил, јеромонахот Петар (Бородулин), кој беше испратен на послушание во Руската духовна мисија.
За време на разговорот, началникот на мисијата го информираше Неговото Блаженство за сложената ситуација на границата на Курската област како последица од инвазијата на украинските вооружени сили на територијата на Русија, кои го нападнаа Горналскиот Николаевски манастир и ги уништија храмовите и манастирските згради на неговата територија, при што загина еден од монасите. Укажувајќи на обемот на агресијата на украинските војници врз цивилите, архимандрит Васијан изјави дека страдале и неколку други храмови, кои се наоѓаат во близина на украинската граница, и дека со некои свештенослужители сè уште нема контакт и не постои можност за нивна евакуација.
Неговото Блаженство Патријархот Теофил изрази сочувство поради загинувањето на цивилите и уништувањето на храмовите во Курската епархија, и ја нагласи потребата за молитва за оние кои во моментов се изложени на опасност поради воените дејствија. Сложената ситуација, според Неговото Блаженство, продолжува да се одржува и во Појасот Газа, каде што за време на долгата воена операција, исто така, загинуваат цивили и сериозно е загрозено и самото присуство на христијаните во овој регион.
На крајот од средбата, Неговото Блаженство изрази надеж дека Господ Бог, по Својата милост, ќе помогне да се прекинат конфликтите и да се врати мирот и согласноста меѓу земјите и народите.
Извор: https://rusdm.ru/начальник-миссии-посетил-иерусалимс-5/