Национална конференција на Здружението на романски православни христијански студенти

Патријархот Даниел со својот говор на Националната конференција на Здружението на романски православни христијански студенти (ASCOR) ги поттикнува младите да ја бараат смислата на животот во Христос.

Од 18 до 20 октомври 2024 г. на Православниот богословски факултет „Патријарх Јустинијан“ во Букурешт, се одржа Национална конференција на Здружението на романски православни христијански студенти (ASCOR).

Во продолжение го пренесуваме говорот на Патријархот во целост.


Радоста на откривањето на смислата на животот во Христа

Овогодинешната Национална конференција на Здружението на романски христијанско-православни студенти (ASCOR) се одржува од 18 до 20 октомври, на Православниот богословски факултет „Патријарх Јустинијан“ во Букурешт, во контекст на 2024 година, прогласена од Светиот синод на Романската православна црква за Година на пастирската грижа и помош на болните.

Овој собир претставува драгоцена можност за разгледување на досегашните активности, а и платформа за консултација и соработка меѓу младите од ASCOR, како и меѓу водaчите кои ве придружуваат.

Секој човек во младоста доживува силна желба да се даде себеси и да ја добие љубовта од другите, но и желба да му даде смисла на својот живот. Младите се обидуваат да го насочат ова себе-подарување во потрагата по смислата во животот. Црквата Христова преку својата работа со младите одговара на оваа потрага, бидејќи младиот христијанин веќе ја носи крштелната благодат како дар на вечниот живот и радоста во љубовта на Пресвета Троица.

Во таа смисла, Символот на верата, изговорен на Крштението и на Светата Литургија го содржи најконцизниот и најдлабок израз на смислата на животот, којшто стана програма на Црквата, како подготовка за вечниот живот.

Напредувајќи по патот на личниот развој, учествувајќи во духовниот и општествениот живот на заедниците на кои им припаѓаат, младите откриваат нови извори на духовна радост и на формирање на нивната личност.

Затоа, на овој животен пат, од суштинско значење е младите да негуваат одговорност кон интелектуалниот и духовниот живот, следејќи го Господ Исус Христос, „Патот, Вистината и Животот“ (Јн 14, 6), Оној што сведочеше: „Јас сум лозата, вие сте гранките. Кој останува во мене и јас во него, тој дава многу плод, зашто без Мене не можете да направите ништо“ (Јн 15, 5).

Активноста што ја остварувате повеќе од 30 години е вдахновена од љубовта кон учествувањето во литургискиот живот на Универзитетските параклиси, во кои се формирате за цел живот, преку учествувањето во Светата и Божествена Литургија, како и во другите богослужби и неделни молитви, преку организирање катехизации и духовни конференции, едукативно-рекреативни работилници, социјално-хуманитарни активности, поклонички патувања или летни кампови во православни манастири и тематски екскурзии по културни објекти.

За да се истакне важноста на вашето присуство во Црквата, издавачката куќа на Романската патријаршија – Базилика, објави зборник на материјали од конференциите со наслов „Добротољубиви хроники – ASCOR. Комеморативен том“, по повод овогодинешното национално собрание.

Сите овие прекрасни и живи активности ви помагаат да ја откриете смислата на христијанскиот живот како света програма на животот; лична и општествена. Вистинскиот христијански живот се живее како вкус или живо искуство од присуството на Христос во оние што Го љубат, како одговор на поканата „вкусете и видете дека Господ е добар“ (Пс 33, 8).

Ве поттикнувам да продолжите да ја негувате љубовта кон вистинските вредности, давајќи им смисла, која може да се открие само во Црквата, бидејќи наоѓањето на смислата на животот го подразбира живеењето и споделувањето од Изворот на животот, Христос Господ.

Им честитаме на организаторите и ги благословуваме учесниците на Националната конференција на Здружението на романски православни студенти (ASCOR), посакувајќи ви на сите здравје, радост, мир и многу помош од Бога!

Со татковски благослов,
†Даниел, патријарх на Романската православна црква

Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-encourages-youth-seek-lifes-meaning-in-christ-national-ascor-meeting/