На 14 октомври Грузиската Православна Црква го прослави празникот Суетицховелоба – еден од нејзините најголеми празници, посветен на светиот Хитон Христов и на катедралата Суетицховели. Според древното предание, Христовиот Хитон бил погребан во Мцхета во I век, и од местото каде што бил положен израснало чудесно кедрово дрво – „Животворниот столб“, од кое и празникот го добил своето име. Во IV век, на местото на тоа дрво била изградена катедралата Суетицховели.
Божествената Литургија ја предводеше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Сенаки и Чхороцку, Шио, Местобљустител на Патријаршискиот Престол. За време на Литургијата тој им го соопшти на верните обраќањето на Комисијата формирана со благослов на Неговата Светост, Католикос-Патријархот на цела Грузија Илија II, за достојно одбележување на 1700-годишнината од прогласувањето на христијанството за државна религија во Грузија, што ќе се прослави следната 2026 година.
Во изјавата се повикуваат сите Грузинци – во татковината и во дијаспората – да го одбележат овој јубилеј. Се нагласува дека православното христијанство е неразделно поврзано со националниот идентитет на Грузија и дека токму тоа ја одржало нацијата низ вековите на искушенија, дарувајќи безброј светители и свети реликвии кои ја сведочат духовната сила и жртвеноста на грузискиот народ.
Во изјавата, исто така, се забележува дека во поновите векови многу Грузинци се оддалечиле од своите христијански корени, што предизвикува општествени поделби. Поради тоа, оваа годишнина – која ѝ претходи на одбележувањето на 900-годишнината од упокојувањето на светиот цар Давид Градител и 400-годишнината од маченичката смрт на светата царица Кетеван – се гледа како можност за духовна обнова и национално единство.
Следејќи го повикот на Патријархот Илија за мир, изјавата ги повикува сите граѓани, институции и организации во текот на јубилејната година да работат на зајакнување на свеста за религиозното и националното наследство на Грузија, како темел за општествено единство и мирна иднина на земјата.
Во продолжение е текстот на ова обраќање.
Драги сонародници, во Грузија и надвор од неа!
Во 2026 година се навршуваат 1700 години од прогласувањето на христијанството за државна религија во Грузија. Изминатите седумнаесет века се сведоштво дека грузискиот народ, кој поседува древна и единствена култура, преку христијанството се причести со патот на духовното усовршување, со вистината и со животот — Христос.
Токму христијанството ни ја дарува можноста за спасение, обожување и населување во Царството Небесно.
Може недвосмислено да се каже дека историјата на Православието во Грузија е всушност духовната историја на грузискиот народ. Таквото присвојување на верата од страна на народот е резултат на мошне цврста основа, што суштински се изразува во нераздвојноста меѓу религиозната свест и националниот идентитет.
На земјата Картли, која е удел на Богородица, од најдревни времиња заблескале првите светители, чие изобилство особено ја открива духовната полнота на Грузиската Црква. Токму таа полнота ѝ го дарувала на Картли хагиолошкиот карактер, кој подразбира нејзин назив „мајка на светителите“, како што е запишано во делото од VIII век „Мачеништвото на Або Тбилели“.
Светиот праведен Илија вели: „Новата заветна вера ја обнови нашата земја за нов живот. Грузинецот на овој закон, на овој Нов завет, му го соедини сето она што од стариот беше скапоцено за човекот и што никогаш нема да застари додека човекот постои: му ги соедини татковината и народноста. Овие три достојни нешта така се испреплетеа… што зачувувањето на верата стана исто што и одбраната на грузиската земја, а одбраната на земјата – зачувување на верата.“
И покрај бројните искушенија, со посебната помош на Бога и на Пресвета Богородица, Грузија повеќепати постигнала и духовна преродба, и државна моќ. Не помалку значајно е и тоа што во тешките времиња на нашата историја, несебичните примери на посветеност кон христијанските вредности и маченичките подвизи за верност кон Бога и татковината – било на поединци, било на целиот народ – претставуваат непобитен доказ за духовната цврстина на грузискиот народ во одбраната на вечните вредности што се темел на спасителната вера.
За жал, во последните векови значителен дел од народот се оддалечи од христијанските корени. Оттуѓувањето од националниот идентитет предизвикува распад и поделба во општеството. Со зборовите на светиот Илија Праведниот, „падот на народот започнува тогаш кога тој ја заборава својата историја.“
Затоа, одбележувањето на 1700-годишнината од прогласувањето на христијанството за државна религија во Грузија, покрај изразот на благодарност кон Бога, е и потсетување на 2000-годишната христијанска историја на нашата земја.
По Божја промисла, пред овој јубилеј од 1700 години му претходат две мошне значајни годишнини поврзани со две извонредни личности од историјата на нашиот народ:
– 900 години од упокојувањето на светиот цар Давид Градител (8 февруари 2025), и
– 400 години од маченичката смрт на светата царица Кетеван (26 септември 2024).
Овој важен јубилеј, исто така, се темели врз делата на возвишените светители, чии подвизи беа пресвртни во историјата на Грузиската Црква и народ: светиот апостол Андреј Првоповикани – основач на Грузиската Црква, и со него апостолите кои го проповедале христијанството во Картли: свети Симеон Кананит, свети Вартоломеј и свети Матеј; света Сидонија и првомачениците на грузиската земја; просветителката на Грузинците, рамноапостолната света Нина; првите христијански владетели – рамноапостолните свети Миријан и света Нана; светиот првомаченик Ражден; светата маченичка Шушаник; светиот цар Вахтанг Горгасали; преподобниот Јован Зедазнели и другите асирски преподобни отци; светиот маченик Або Тфилели; светиот Григориј Ханцтели и неговите соборци; светите Јован, Евтимиј и Георгиј Светогорци; свети Ефрем Мали; свети Арсениј Икалтоели; благоверната царица Тамара; сто илјади грузиски маченици; новите маченици пострадале во времето на комунистичкиот режим, и многу други.
Покрај тоа, големо богатство на грузискиот народ се светите реликвии што Бог му ги подари: хитонот на нашиот Господ Исус Христос, клинецот од Крстот, појасот и облеката на Пресвета Богородица, крстот плетен од лозовата гранка на света Нина, гробот на светиот апостол Симеон Кананит, мантијата на пророкот Илија, дел од Чесниот Крст; чудотворните неракотворени икони на Анчи и Ацкури и други; уникатни грузиски ракописи, фрески, минијатури и благословени храмови и манастири.
Овие светители, со своите трудови, и овие свети реликвии, воопшто сите светци и светињи на Грузиската Црква, со особена јасност ги откриваат двата најглавни белези на идентитетот на нашата земја – постојната жед на народот за духовно усовршување и чудесната способност за самопожртвуваност кон Бога и татковината.
Благодарение на тие божествени својства, малиот грузиски народ, кој постојано стоел пред прашањето на опстанокот, не само што преживеал и го зачувал својот идентитет, туку и дал значаен придонес во ризницата на светската духовност и култура.
Минатата година, на 13 декември, на празникот на светиот апостол Андреј Првоповикани и светиот цар Вахтанг Горгасали, Католикос-Патријархот Илија II повторно му се обрати на целиот народ со повик за зачувување на мирот.
Во неговото обраќање читаме: „Мои духовни чеда, настаните што се случија во нашата земја во последните денови јасно покажуваат дека за секого од нас е должност да се грижи за мирот.
Нашиот проблем денес е и тоа што не разбираме како се оддалечуваме од Бога и дејствуваме против Неговите заповеди.
Со меѓусебна омраза, озлобеност, злоба… ниту еден национален проблем не можеме да решиме. Нашето христијанство завршува таму каде што завршува нашата љубов кон ближниот.“
Одбележувањето на вакви јубилеи е најдобро средство за извршување на мисијата на мирот и, соодветно, имаат големо државно значење. Затоа е природно и закономерно овие најважни датуми да ги прослави целиот народ.
За јубилејните денови да го опфатат целото општество, во овој процес треба да се вклучат граѓаните и во земјата и во дијаспората. Во градовите и селата, во семејствата и јавните собири, во високите и јавните училишта, во државните и недржавните институции — во текот на јубилејната година особено треба да се стремиме кон целосно осознавање на нашите верски и национални вредности и кон зацврстување на начинот на живот што се темели врз нив. Тоа треба да биде главната задача на нашето општество.
Нека ни помогне Господ, за сите заедно да можеме достојно да го одбележиме овој мошне важен историски датум, што ќе стане цврста основа за духовно обединување на општеството, за достоинствена сегашност и за мирна иднина на нашата земја.
