Напаѓачи во маскирни униформи зазедоа уште еден храм на Украинската православна црква

На 31 август, група напаѓачи во маскирни униформи ги пресекоа катанците и упаднаа на територијата на храмот „Св. Георгиј Победоносец“ на Украинската православна црква во селото Пријутовка, во Кировоградската област. Како што извести Митрополитот Александриски и Светловодски г. Боголеп од местото на настанот, против православните христијани беше користен солзавец и апарати за гаснење пожар.

Напаѓачите се заклучија во светињата и одбија да ги пуштат верниците и свештенството на храмот.

На видеото објавено на Телеграм-каналот „Дозор“, се гледа циничното однесување на напаѓачите. Против свештеникот беше користен апарат за гаснење пожар, а потоа една жена во маскирна униформа почна да го снима со мобилен телефон.

И покрај тоа што храмот припаѓа на парохија на Украинската православна црква, а судските процеси за фалсификуваните документи за светињата од страна на активистите на Православната црква на Украина (ПЦУ) сè уште траат, полицијата дејствуваше во интерес на престапниците.

Додека верниците се молеа покрај оградата, напаѓачите го осквернуваа храмот.

„Нашите луѓе преку прозорците видоа дека тие трчаат низ храмот… Шетаат со некакви пијалаци и се однесуваат со непочитување кон Божјиот дом. Ние не знаеме што ќе се случи со нашиот имот, со антиминсот, и ги просиме вашите молитви, за да нашата светиња не биде осквернета и ова цинично и недуховно однесување конечно да престане“, изјави Митрополитот Боголеп и исто така побара молитви за парохијата на храмот „Св. Георгиј“.

Извор: https://spzh.live/ru/news/81890-v-prijutovke-rejdery-v-kamufljazhe-zakhvatili-khram-upts