Насилен обид за одземање на храм на Украинската православна црква во Черкаси

Храмот „Свети Архангел Михаил“ во Черкаси, Украина

Во ноќта на 17 октомври околу 3 часот по полноќ, приближно 100 лица во камуфлажна облека и маски на лицето насилно упаднале на територијата на храмот „Свети Архангел Михаил“ на Украинската православна црква во Черкаси, Украина. Во тоа време во храмот се служела ноќна Литургија, известува епархискиот Телеграм канал „Черкаски благовесник“.

Напаѓачите ги исфрлиле верниците од територијата на храмот, им ги одзеле телефоните и не им дозволиле да го снимаат случувањето, а исто така ги уништиле камерите за видео надзор. Очевидците известуваат дека напаѓачите кршеле прозорци и ги кршеле вратите, влегле во зградата на епархиската управа и во самиот храм. Епархиското свештенство се најде опкружено со насилници. Малолетните деца на свештениците (7 деца на возраст од 3 месеци до 8 години) беа во состојба на стрес.

Сепак, верниците на храмот, предводени од Митрополитот Теодосиј Черкаски успеаја да го заштитат храмот од напаѓачите. За ова владиката раскажа во своето обраќање за време на директниот пренос. Според архијерејот, во нападот на катедралата Архангел Михаил на УПЦ во Черкаси учествувал пратеник од локалниот совет.

Како што извести Сојузот на православни журналисти, пред нападот на храмот градоначалникот на Черкаси, Анатолиј Бондаренко, на Инстаграм објавил фотографија од храмот „Свети Архангел Михаил“ со коментар кој укажува на неговата намера да го пренесе храмот во ПЦУ (Православна црква на Украина).

На 29 септември годинава веќе имаше обид за насилно одземање на храмот, но тогаш луѓето во камуфлажна облека собрани околу храмот не се осмелија да започнат напад, гледајќи ги верниците на Украинската православна црква кои излегоа да ја бранат својата црква.

Митрополитот Теодосиј ги повика верниците да го бранат храмот во случај напаѓачите да се обидат повторно да го заземат. Тој потсети дека напаѓачите не се плашат од полицијата, и дека „светињите треба да се бранат од бандити кои не ги граделе, кои не знаат да се молат, туку само можат да крадат, да тепаат и да поднесуваат извештаи на својот духовен господар преку морето.“

Извор: https://spzh.live/ru/news/82511-verujushchie-cherkass-vo-hlave-s-mitropolitom-feodosiem-otstojali-sobor-upts