На 4 јуни 2026 година во Кременчуг, во Полтавска област во Украина, се случи преземање на храмот „Света Троица“ на Украинската Православна Црква од страна на приврзаници на ПЦУ (Православна црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија), со поддршка од безбедносните структури на државата.
Според веќе воспоставената практика, на преземањето му претходел лажен собир за прашањето за преминување во ПЦУ, на кој вистинската храмовна заедница воопшто не била поканета. „Црквата ’Света Троица’ била изградена со силите и средствата на заедницата на Украинската Православна Црква во 2000 година и нема никаква врска со расколничката структура ’ПЦУ’“ – известува интернет страницата на Московската Патријаршија. Сепак, повикувајќи се на одлуката од тој собир, властите незаконски ја пререгистрирале заедницата.
За време на насилното преземање, на местото на настанот бил присутен голем број полициски службеници.
Парохјаните и свештениците се обиделе да ја одбранат својата светиња, но силите биле нерамноправни. Од дејствијата на насилниците настрадале неколку свештенослужители на канонската Црква и ним им била потребна медицинска помош. „Еве, мене ме претепаа, ми ја искинаа мантијата, ме влечеа со навредливи зборови и закани дека сепак ќе ме убијат, ме влечеа за коса“ – сподели еден од настраданите, архимандрит Јосиф.
Претставниците на парохиската заедница нагласија дека ќе продолжат да се борат за својата светиња пред судовите, но својата главна надеж ја полагаат единствено во Бога.
