„Не“ за заборавот на нацистичките злосторства – Критската црква одговара на изјавата на Штајнмаер

Критската Црква го повикува своето паство да ја одржува будна националната свест, да го чува жив идентитетот и историското сеќавање, и да не ги заборави храбрите борци против ужасната германска окупација. Светиот Синод на Критската Црква се состана на 18 ноември 2024 година на редовна седница во своето седиште во Ираклион и ги разгледуваше темите од дневниот ред. 

Синодот детално дискутираше за егзекуциите, ужасните разурнувања, насилствата и ограбувањата, дури и на светите места, од страна на нацистичките германски сили низ целиот остров Крит. Причина за оваа дискусија беше неодамнешната посета на г. Франк-Валтер Штајнмаер, претседател на Сојузна Република Германија, во Грција, при што тој, зборувајќи за нацистичките злосторства за време на Втората светска војна, изјави дека прашањето е „правно завршено“. Посебно внимание привлече неговата посета на маченичкиот Канданос на Крит. 

Светиот Синод донесе одлука: 

1. Да му упати посебна благодарност на Неговото Преосвештенство Митрополитот на Кисамос и Селин, г. Амфилохиј, за неговите храбри и достоинствени зборови за нацистичката окупација на Крит, изречени пред германскиот претседател при неговата посета на Канданос. 

2. Да се обрати до експерти за основање „Меморијален центар“ кој ќе ги документира и обедини имињата на сите свештеници и верници кои паднаа како жртви низ цела Грција, особено на Крит. 

3. Да изработи список на убиени свештеници и монаси на Крит за време на германската окупација и да постави меморијална плоча со нивните имиња во соодветен простор во катедралата „Св. Мина“ во Ираклион. 

4. Да организира синодски парастоси на места кои се прогласени за маченички населби на Крит поради нацистичките злосторства. 

5. Да објави посебен том на списанието на Светиот Синод во чест на жртвите за време на германската окупација. 

6. Да побара од надлежните информации за процесот на германските репарации за нацистичката окупација. 

7. Да ги повика Критјаните да ја одржуваат будна својата национална свест, да го чуваат својот идентитет и да не ги забораваат хероите кои страдаа за слобода и човечко достоинство. 

Светиот Синод изрази и длабока загриженост за порастот на насилството во секоја форма и повикува на иницијативи за справување со овие проблеми. Во духот на Божиќниот пост, Синодот повикува на покајание, вдахновено од зборовите на Апостол Павле до Апостол Тит: „…да ја запознаеме вистината што води кон побожност…“ (Тит 1, 1). 

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko_patriarxio/αρχιεπισκοπή-κρήτης/oxi-sti-lithi-apo-tin-ekklisia-tis-kritis-gia-tis-nazistikes-thiriodies-me-seira-draseon-apanta-sti-dilosi-stainmaier/