Во текот на својата официјална посета на митрополијата на Дидимотихо, Орестијада и Суфли на Црквата на Грција, Неговото Блаженство Папата и Патријарх Александриски и на сета Африка Теодор II во Неделата на Православието, на 1 март годинава, началствуваше на богослужба во знаменитиот соборен храм „Пресвета Богородица Ослободителка“ во Дидимотихо, во сослужение со Високопреосвештените Митрополити Гвинејски г. Георгиј и Мемфиски г. Никодим, Преосвештениот епископ Мареотидски г. Дамаскин и надлежниот Митрополит г. Дамаскин.
Пред завршетокот на Патријаршиската Божествена Литургија, според црковниот поредок, беа изнесени во литија светите икони и беше прочитан Синодикот на празникот.
Неговото Блаженство, по повод празникот на Триумфот на Православието и во спомен на обновувањето на светите икони, одржа пригодна беседа пред многубројниот народ.
Во одговор, надлежниот митрополит г. Дамаскин му се заблагодари на Неговото Блаженство за посетата на Дидимотихо и, поттикнат од евангелското четиво на денот, говореше за вредноста на православната мисија и за значајното мисионерско дело на Александриската Патријаршија во Африка.
На Божествена Литургија присуствуваа видни претставници од локалната и централната власт на Грција, воени и полициски старешини и мноштво верници.

























