Недела на Православието – сослужување и послание од Собранието на канонски епископи на САД

На 1 март 2026 година, во Неделата на Православието, Неговото Блаженство Архиепископот на Тирана, Драч и на сета Албанија г.г. Јован претстоеше на архијерејската Божествена Литургија во храмот „Света Екатерина“ во Брејнтри, Масачусетс, сослужувајќи со бројни јерарси, од странство и од Собранието на канонските православни епископи на САД: Високопреосвештениот Архиепископ Американски г. Елпидофор и архијереите Методиј Бостонски, Неофит на Елдорет и Северна Кенија, Кирил Крински, Јоаким Амисоски, Атинагора Назијански, Даниел Памфилиски, Теофан Филомелиски, Нектариј Диоклиски и Антониј Синадски (од Цариградската Патријаршија), Неговото Преосвештенство Иринеј Вашингтонско-Њујоршки и Источноамерикански (Српска Патријаршија), Неговото Преосвештенство Сава (Грузиска Патријаршија), Неговото Преосвештенство Никодим Бостонски и на Албанската Архиепископија (Православна Црква во Америка) и Неговото Преосвештенство Бенедикт Хартфордски и на Нова Англија (Православна Црква во Америка).

На крајот од Литургијата, Архиепископот Јован се восхити од мноштвото свештенослужители од многу јурисдикции. „Светот треба да нè види заедно — ни е потребно видливо единство“ – рече тој. „Во срцето сме обединети меѓу себе, но треба тоа да му го покажеме на светот. Не можеме да покануваме други луѓе на дијалог ако не водиме дијалог меѓу нас.“

По повод Неделата на православието, Собранието издаде и соопштение кое во продолжение го пренесуваме во целост.


Окружно послание од Собранието на канонски православни епископи на Соединетите Американски држави

Недела на Православието 2026 година

Возљубени верни во Христа,

Во првата недела од Великиот пост — Неделата на Православието — со радост го споменуваме враќањето на светите икони во животот на Црквата. Овој празник го слави единството утврдено од Седмиот вселенски собор (787) и конечната обнова на иконите во 843 година под водство на светата царица Теодора, заедно со нејзиниот син, царот Михаил III, и патријархот свети Методиј. Денес, Собранието на канонските православни епископи на Соединетите Американски држави го продолжува ова наследство, пројавувајќи го истиот дух на единство. Во таа светлина, „Неделата на Собранието на Епископи“ сега се одбележува на национално ниво заедно со ова историско празнување.

Во своето прво послание до Коринтјаните, древниот повик на светиот апостол Павле сè уште одекнува: тој нè повикува да бидеме „соединети во еден ум и во една мисла“, без да се остава простор за раздори (1 Кор 1, 10). Оваа заповед, заедно со прославата на Неделата на Православието, нè потсетува дека обновата на иконите беше повеќе од историски настан — таа беше обновување на самото црковно единство. Тоа беше победа на верата над стравот и на реалноста на воплотениот Бог над некое далечно божество. Како што ги почитуваме светите икони, така сме повикани да ја гледаме иконата Христова еден во друг. Стоејќи цврсто како светителите од VIII и IX век, ги надминуваме нашите разлики за да ја прегрнеме благодатта што нè обединува во Телото Христово.

Празнувајќи ја Неделата на Собранието на Епископи — заедно со Неделата на Православието — ве охрабруваме сите да се запознаете со служенијата на Собранието, како и да ги поддржите нашите искрени напори за православно христијанско единство преку постојаните и дарежливи дарови од вашето време, таленти и средства.

Со отечка љубов во Христа и молитви за благословен постен пат, на 1 март 2026 година.

Архиепископ Елпидофор, претседател
Вселенска Патријаршија

Митрополит Сава, заменик-претседател
Антиохиска Православна Црква

Архиепископ Михаил
благајник

Митрополит Григориј
секретар

Епископ Иринеј
Српска Православна Црква

Митрополит Николае
Романска Православна Црква

Митрополит Јосиф
Бугарска Православна Црква

Епископ Сава
Грузиска Православна Црква

Митрополит Тихон
Православна Црква во Америка

Извор: https://orthodoxobserver.org/pan-orthodox-liturgy-commences-visit-of-archbishop-joani-of-albania-to-the-u-s/