Недела на Православието во Атина: Повторно обединување на Црквата со државните власти по „разводот“ поради законот за истополови бракови

Со голема свеченост беше прославена Неделата на Православието во Митрополијата на Атина, каде што на светата литургија чиноначалствуваше Архиепископот Атински и на цела Грција г.г. Јероним во сослужување со митрополитите: на Димитријада г. Игнатиј, на Кесаријани г. Даниил, на Идра г. Ефрем, на Пиреја г. Серафим, на Сирос г. Доротеј, на Гревена г. Давид, на Неа Крини г. Јустин, на Филипи г. Стефан, на Сијатиста г. Атанасиј, на Лимнос г. Јеротеј и на Солун г. Филотеј. Во олтарот молитвено присуствуваше и митрополитот Нафпактски г. Јеротеј.

Во Митрополијата присуствуваше и Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу. Покрај г-ѓа Сакеларопулу, во Митрополијата присуствуваа и претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, министерот за образование и верски прашања Кириакос Пиеракакис, министерката за труд Ники Керамеос и парламентарниот претставник на ПАСОК, Павлос Јеруланос.

Попладнето, г-ѓа Сакеларопулу приреди ручек во Претседателската палата во чест на Архиепископот и членовите на постојаниот состав на Светиот Синод на Црквата на Грција.

На ручекот присуствуваа и претседателот на Парламентот Никитас Какламанис и министерот за образование, верски прашања и спорт Кириакос Пиеракакис.

Како што забележуваат грчките црковни медиуми, прославата помина во атмосфера која воопшто не наликува на онаа од пред една година. Далеку од осаменоста на манастирот „Петраки“, кој минатата година беше избран како „порака“ кон Владата и Претседателската палата поради законот кој дозволи брак помеѓу лица од ист пол, оваа година прославата беше со сета свеченост и официјалност во Соборниот храм на Атина, со присуство на претставниците на државните власти, иако споменатиот спорен закон си останува во сила.

Извор: https://orthodoxia.info/news/kyriaki-tis-orthodoxias-epanenosi-i-sy/