Светиот Синод на Православната црква на Албанија објави соопштение за изборот на нов Митрополит на Берат. Ова соопштение во продолжение го пренесуваме во целост.
Православна автокефална црква на Албанија
Свет Синод
Соопштение
Светиот синод на Православната автокефална црква на Албанија, под претседателство на Неговото Блаженство Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија, г. Анастасиј, денес, на 14 ноември 2024 година, одржа состанок во седиштето на Светата архиепископија во Тирана, согласно со нејзиниот Устав, и го избра, со апсолутно мнозинство, за митрополит на Берат, Авлона и Канина досегашниот Епископ на Булчи, г. Астиј.
Интронизацијата на новиот митрополит ќе се одржи на 21 ноември 2024 година во 12:00 часот, во соборната црква на Свети Димитриј во Берат.
Куса биографија на новиот митрополит
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Берат, Авлона и Канина, г. Астиј (Бакалбаши) е роден во Драч во 1974 година. Теолошкото образование го започнал во Теолошко-свештеничката семинарија во Драч (1993-1997), продолжил на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун, отсек за теологија (1998-2003), и завршил постдипломски студии (мастер) по омилитика на Теолошкиот факултет (отсек за теологија) во Солун (2010-2012).
Ракоположен е за ѓакон (август 2003), архиѓакон (на архиепископијата) (ноември 2006), јеромонах (ноември 2009), архимандрит (ноември 2009) и епископ, со титула епископ на Булчи (јануари 2012).
Од 2012 година служел како помошен епископ на архиепископот, а од почетокот на 2018 година до денес како протосингел на архиепископијата во Тирана.
Покрај литургиските и пастирските должности, тој ја има принесено својата служба и во различни области на Црквата: во управата на архиепископијата во Тирана, како вонреден професор на Теолошката академија Свети Власиј во Драч, каде што предавал Литургика (2004-2017) и Омилитика (2015-2017), како соработник и ко-одговорен во радиостаницата „Воскресение“ (од 2005), ко-одговорен за организирањето на младината на митрополијата на Тирана (2010-2018), и како член на Извршниот совет на Меѓурелигискиот совет на Албанија (2018-денес).
Во текот на неговата служба, учествувал на многу меѓународни конференции и ја претставувал Православната автокефална црква на Албанија на разни меѓуправославни и меѓухристијански средби.
Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2024/11/14/ανακοίνωση-εκλογή-μητροπολίτη-βερατ/