Во градот Инчхон, трет по бројност на жители во Јужна Кореја, беше формирана парохија, посветена на сите светители. Ова е петта парохија во состав на Корејската епархија на Руската православна црква.
Објектот за одржување на богослужби е изнајмен во рускојазичниот кварт на Инчхон, каде живее значителен број на доселеници од земјите на Заедницата на независни држави. Храмот е опремен со сѐ што е неопходно, а во него е поставен и привремен иконостас.
На 8 декември, архиепископот Корејски Теофан ја отслужи првата Литургија во новооснованата парохија. На богослужбата се собраа православни верници од Инчхон и од блиските градови: Ансан, Кимпхо и Пучхон. Токму по нивно барање е формирана парохијата.
Пред почетокот на Литургијата, архиепископот Теофан отслужи молебен, по чие завршување ѕидовите на храмовиот објект беа попрскани со осветена вода. На архиепископот му сослужуваше јероѓаконот Нектариј Лим. Мнозинството од верниците се причестија со светите Христови Тајни. По завршување на богослужбата, архиепископот Теофан им се обрати на присутните и им заблагодари на сите за помошта во отворањето и во формирањето на новата парохија.














