Нова Свештена епистасија на Света Гора

Фотографија: ope.gr

Во согласност со светогорскиот устав, на 14 јуни според новиот календар, односно на 1 јуни според стариот календар, во Кареа, по доксологијата во Протатската црква, беше извршен чинот на примопредавање на Свештената епистасија, извршното административно тело на Света Гора со мандат од една година.

Досегашната епистасија на чело со протоепистатот архимандрит Стефан Хиландарец, беше наследена од новата епистасија предводена од Светиот манастир Дионисијат. Должноста протоепистат ја презеде дионисијатскиот старец Симеон со останатите членови на епистасијата: о. Ефтимиј од Зограф, Макариј од Пантелејмон и Ефрем од Констамонит.

На примопредавањето присуствуваа гувернерот на Света Гора, Анастасиос Мициалис, заменик гувернерот Аристос Касмироглу, претставници на светогорските манастири во својство на членови на Свештената општина, државни функционери, претставници на службите за безбедност на Света Гора, како и градоначалникот на Солун, Стелиос Ангелудис.

Свештената епистасија е управно тело („влада“) на Света Гора составено од претставници на четири манастири од кои еден е протоепистат (прот) и тие се менуваат еднаш годишно.

На Света Гора постојат 20 самостојни манастири и тој број не може да биде ниту помал ниту поголем. Тие се поделени во пет групи од по четири манастири. Секоја група има свој предводник кој го дава протоепистатот. Секоја година смената се одвива по следниот редослед, така што секоја група ја презема управата еднаш на пет години:

  1. Велика Лавра (Дохијар, Ксенофонт и Есфигмен)
  2. Ватопед (Кутлумуш, Каракал и Ставроникита)
  3. Ивирон (Пантократор, Филотеј и Симонопетра)
  4. Хиландар (Ксиропотам, Свети Павле и Григоријат)
  5. Дионисијат (Зограф, Пантелејмон и Констамонит)

Свештената епистасија ја избира Светата општина (собрание) во Кареа која е составена од 20 монаси – претставници на манастирите. Секој манастир избира на една година еден претставник во Свештената општина, кој се заменува на почетокот на Новата година според јулијанскиот календар.

Извор: https://www.hilandar.org/nova-svestena-epistasija-svete-gore-3/