Нови кадровски решенија во Руската Црква

На 27 декември 2024 година, во Даниловскиот манастир во Москва, се одржа последното овогодишно заседание на Светиот архијерејски синод на Руската православна црква. На дневниот ред беа повеќе прашања од различни аспекти на дејноста на Руската црква. Меѓу другото, беа донесени одлуки во врска со новите кадровски решенија.

Во врска со Будимпештанско-Унгарската епархија, Синодот донесе одлука досегашниот епархиски архијереј Иларион да биде вомировен (пензиониран). За место на служење  му е определен храмот „Св. Петар и Павле“ во Карлови Вари (Чешка). За администратор на епархијата е назначен Митрополитот Рјазански и Михајловски Марко. Истовремено, синодските архијереи го замолуваат Патријархот Московски и на сета Рус Кирил да му обрне внимание на Митрополитот Иларион за неговото  несоодветно однесување кон најблиското опкружување, имајќи го предвид фактот дека тој е монах и свештенослужител.

Исто така, беше прифатена молбата на Владимирскиот  и Суздаљски митрополит Тихон за вомировување (пензионирање). За нов епархиски архијереј е избран Наротоминскиот митрополит Никандар.

Синодот ја прифати молбата за вомировување и на Александровскиот и Јуревполски епископ Инокентиј. За администратор на епархијата е назначен новиот Владимирски и Суздаљски митрополит.

Потоа беше пополнета упразнетата Сизранска епархија. Синодот го избра јеромонахот Антониј Подровски за нов епархиски архијереј.

Калушкиот и Боровски митрополит Климент (претседател на Издавачкиот совет на Московската патријаршија) поднесе барање да му се назначи викарен (помошен) епископ. Барањето беше прифатено, а за викарен епископ на Калушката епархија е избран јеромонахот Макариј Комогоров.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6185483.html