Во црковните медиуми беше пренесена информацијата дека Руската Служба за надворешно разузнавање повторно објавила соопштение со обвинувања против Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Првиот пат истата служба објави соопштение во кое тврди дека Цариградската Патријаршија подготвува признавање на Црногорската Православна Црква, за што известивме, а овој пат се тврди дека Патријархот Вартоломеј се обидува да постави на чело на Грузиската Православна Црква личност што најмногу би им одговарала.
Во продолжение го пренесуваме овој текст, објавен на 31 март 2026 година, со наслов „Вартоломеј се занесе во својата високомерност“.
Прес-бирото на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација соопштува дека, според информациите што пристигнуваат до нив, Цариградскиот патријарх Вартоломеј продолжува упорно да ја спроведува својата вероломна линија кон раскол на светското православие, раководејќи се од принципот „раздели па владеј“. Овојпат тој сака да ја стави под свое влијание Грузиската православна црква, искористувајќи ја смртта на Католикос-Патријархот на цела Грузија Илија II.
Фанариотот сака на испразнетото место да протурка претставник на кого би можел да се потпре. Како кандидати за таа улога, Вартоломеј ги разгледува митрополитот Западноевропски Авраам (Гармелија) и митрополитот Потиски и Хобски Григориј (Бербичашвили). Во своето најблиско опкружување тој ги претставува како најсоодветни извршители на неговата волја.
Во црковните кругови се забележува дека властољубието станало постојан придружник на цариградскиот расколник. Со своите постапки, Вартоломеј повторно го заменува „првенството на честа“ со „првенство на власта“, мешајќи се во внатрешните работи на уште една – да напоменеме, една од најстарите – Грузиска Православна Црква. Очигледно е дека тој, како и во случаите со Украина, Србија и балтичките земји, го заборавил второто правило на Вториот вселенски собор: „Обласните епископи да не ја простираат својата власт врз Црквите надвор од својата област…“.
Извор: http://www.svr.gov.ru/smi/2026/03/varfolomey-zabylsya-v-svoem-vysokomerii.htm преку: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko-patriarxeio/nea-rosiki-epithesi-ston-oikoumeniko-patriarxi-vartholomaio-me-fonto-tin-eklogi-neou-patriarxi-georgias/
