Нови оштетувања и незаконски работи на испосницата на Свети Петар Коришки кај Призрен, Косово и Метохија

Епархијата Рашко-призренска на Српската Православна Црква изразува најостар протест поради тешките оштетувања на просторот на испосницата на Свети Петар Коришки кај Призрен, древна српска православна светиња од 13 век. Во продолжение е текстот на реакцијата.

Со неодамнешните незаконски градежни активности на оваа локација, кои вклучија пробивање широка пристапна патека и нејзино поплочување сè до самата пештера на светецот, околу која се наоѓа светилиштето, сериозно е оштетена и загрозена археолошката и историската целокупност на локалитетот. Дури и темелите на овој средновековен комплекс се поткопани, така што при поголеми дождови или најмал потрес може да дојде до свлечишта и уривање на целата испосница. Потсетуваме дека испосницата на Свети Петар Коришки е официјално заштитена како една од педесетте специјални заштитени зони, согласно косовскиот Закон за специјални заштитени зони. По вооружениот конфликт во 1999 година, испосницата била повеќепати осквернувана со ископување на гробот на светецот, оштетување на средновековните фрески со графити и поставување на албанско знаме над испосницата, кое сè уште стои, за што Епархијата досега повеќепати реагираше барајќи заштита. 

Сцените на осквернети фрески се најочигледен показател на крајно вандалско однесување кон оваа светиња, што длабоко ги навредува верниците на православната Црква и го покажува односот кон средновековното српско православно наследство на Косово и Метохија. Ова исто така сведочи за отсуството на грижа и способност од страна на локалните косовски институции, кои според законот треба да соработуваат со Црквата и меѓународните претставници за да покажат барем минимум цивилизациско почитување кон христијанската култура и спомениците. Наместо тоа, тие нестручно преземаат активности на своја рака и неповратно го уништуваат ова вредно наследство. Присвојувањето на српските светињи, кои со години се изложени на брутална девастација и напади, како и намерното менување на историјата, изгледаат крајно иронично и лицемерно кога ќе се споредат со односот на косовските институции и екстремните групи кон овие свети места на Српската Православна Црква. Ова особено важи за оние делови на Косово и Метохија каде, за жал, во моментот нема Срби и православно монаштво, кое инаку на другите места се труди да го зачува своето вековно наследство. 

Во член 1 од Законот за специјални заштитени зони јасно е наведено: „Со овој закон се обезбедува заштита на српските православни манастири, цркви, други верски објекти, како и историски и културни локалитети од посебно значење за заедницата на косовските Срби, како и за другите заедници на Косово, преку воспоставување специјални заштитени зони.“ (Испосницата на Свети Петар Коришки е спомената во член 7r од Законот, а постои и мапа на заштитеното подрачје околу испосницата). Во член 3.б–в дополнително се прецизира дека целта на законот е „зачувување на карактерот и изгледот на заштитените локалитети, особено нивниот историски, културен, архитектонски или археолошки контекст, природното опкружување и естетскиот визуелен амбиент; како и спречување на несоодветен развој околу заштитените локалитети, обезбедувајќи најдобри можни услови за складен и одржлив развој на заедниците кои живеат во нивна близина.“ 

Овој законски рамковен акт има за цел да го заштити историското, културното и верското наследство на српскиот народ на Косово и Метохија, да спречи негово оштетување и уништување и да гарантира дека сите активности во заштитените зони можат да се спроведуваат само со претходна согласност од Српската Православна Црква и во рамките на Советот за имплементација на заштитените зони. Секој поинаков пристап претставува директно кршење на законот и сериозно го загрозува не само верското наследство, туку и мирот и меѓуетничките односи на овие простори. 

И покрај тоа што законот експлицитно забранува било каква интервенција на оваа територија – вклучувајќи изградба на патишта, расчистување на вегетацијата или други активности што би ја нарушиле археолошката и историската целокупност на локалитетот – без потребните согласности, Општина Призрен (Дирекцијата за економски развој и туризам) сепак самостојно спровела незаконски активности без знаење и одобрение од Српската Православна Црква. Незаконските работи ги извршила локалната косовско-албанска фирма EUROVIA, како што се гледа од поставената табла. Со оглед на крајната непрофесионалност на работите, употребата на тешки машини за пробивање на патот и расфрлањето на материјалот низ поширокото подрачје, очигледно е дека не биле ангажирани експерти за културно наследство, што дополнително укажува на комплетното отсуство на координација со Српската Православна Црква и Комисијата за специјални заштитени зони. 

Освен правниот аспект на проблемот, сакаме да го нагласиме и силното морално и историско значење на оваа светиња за нашиот народ. Испосницата на Свети Петар Коришки е непроценливо духовно и културно богатство на српскиот православен народ и на целиот христијански свет. 

Епархијата Рашко-призренска затоа повикува на итна реакција на меѓународните институции присутни на Косово, особено мисиите на ЕУ, ЕУЛЕКС, ОЕБС и КФОР, како и надлежните косовски институции, да преземат итни мерки за запирање на најновото беззаконие, санкционирање на одговорните и заштита на оваа светиња. Овој случај ќе биде пријавен и во УНЕСКО, како и во други меѓународни организации за заштита на културното наследство. 

Оваа практика на уништување на средновековните христијански светињи е крајно недозволива, и епархијата Рашко-призренска бара веднаш да се прекинат сите незаконски активности и строго да се почитува Законот за специјални заштитени зони, со цел да се спречи понатамошно уништување на ова вредна верско и културно наследство. 

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//13462.nova-ostecenja-i-nezakoniti-radovi-na-isposnici-svetog-petra-koriskog-kod-prizrena.html