Нови парохии и групно крштевање во Егзархатот на Африка на Руската Црква

По благослов на патријаршискиот егзарх на Африка, Каирскиот и Северноафрикански митрополит Константин, раководителот на Мисионерскиот оддел на Патријаршискиот егзархат на Африка на Руската Православна Црква, свештеникот Георгиј Максимов, ја посети Нигерија.

На 25 септември 2026 година, о. Георгиј пристигна во нигериската престолнина Абуџа, каде што ја посети парохијата посветена на Света Троица. Наредниот ден, во придружба на свештеникот на парохиите во Нигерија, о. Даниел Агбаза, о. Георгиј пристигна во сојузната држава Анамбра, каде што одржа средба со раководителите на голема неканонска православна група која сака да премине во Руската Православна Црква. На средбата беа разгледани постапката и планот за катихизација на сите 15 парохии на оваа група. Во текот на следните денови, о. Георгиј Максимов, во придружба на нигериски православни свештеници, посети четири парохии на групата.

Покрај о. Георгиј, се обратија и нигериски свештеници на Руската Православна Црква, кои раскажаа за својот пат кон Православието и искуството од вклучувањето во црковниот живот – искуство кое ги очекува и новообратените. Отец Георгиј на раководителите на заедницата им предаде православна литература на англиски јазик и нагласи дека нивното примање во Руската Православна Црква ќе се случи дури по сериозна и долготрајна катихизација.

На 27 септември, во 17-та недела по Педесетница, кога се празнува Воздвижението на Чесниот Крст Господов, о. Георгиј ја предводеше Божествената литургија во парохијата посветена на блажена Матрона Московска, во градот Укпор, во сојузната држава Анамбра. Оваа парохија со години била запоставена од Александриската Црква, а свештеник не ја посетил шест години. Верниците поднеле барање да бидат примени во Руската Православна Црква. Барањето било одобрено, а за парохијата бил назначен во Русија ракоположениот свештеник Стефан Нворие, кој со поддршка на Егзархатот за кратко време успеал да го обнови храмот и да го оживее парохискиот живот.

Вечерта на 30 септември, о. Георгиј Максимов пристигна во сојузната држава Бенуе. Таму, пред неколку месеци, започнала катихизацијата на две парохии од друга неканонска група, која побарала да биде примена во Руската Православна Црква. Катихизацијата ја водел о. Даниел Агбаза, а една од парохиите, посветена на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, во градот Угбаикјо, веќе била примена преку крштевањето на членовите на заедницата.

На 1 октомври, свештениците Георгиј и Даниел го извршија групно крштевање на 58 души во сојузната држава Бенуе, каде пред неколку месеци, започнала катихизацијата на две парохии од друга неканонска група, која побарала да биде примена во Руската Православна Црква. Потоа отците отслужија Литургија.

Во градот Адикпо имаше средба со архимандрит Нифонт (Хјуле) кој раскажа за животот и смртта на Јован и Даниел, православни христијани од Туран, кои на 26 март оваа година биле убиени од исламски екстремисти за време на напад врз христијанско село. На средбата присуствуваше и претставник на заедницата од Туран, кој изрази благодарност до Руската Православна Црква за помошта што им ја обезбедила на семејствата на загинатите и на другите христијани кои претрпеле последици од нападот.

На 2 октомври, отец Георгиј ја посети парохијата посветена на светиот Јосиф, во селото Ати, каде што разговараше со верниците. Во оваа и во многу други парохии, луѓето ѝ се заблагодарија на Руската Црква за поставувањето пумпи за вода за пиење. Обезбедувањето вода за пиење е едно од најгорливите прашања во многу населени места во Африка.

Потоа, свештениците Георгиј и Даниел се сретнаа со верниците од две заедници на Александриската Православна Црква. Локалните верници се пожалија дека биле оставени без пастирска грижа, а отец Георгиј им ја објаснил историјата и канонските причини за започнувањето на мисијата на Руската Православна Црква во Африка. По разговорот, верниците потпишаа заеднички писма упатени до митрополитот Константин, со барање да бидат примени во Руската Православна Црква.

За време на посетата на Нигерија, како знак на почит кон дејноста на Руската Православна Црква во земјата, кралот на народот Игбо, Игве Ннамчи Емануел, му ја доделил на о. Георгиј титулата висок поглавар и африканско име.

Извор: https://exarchate-africa.ru/novosti/sostoyalas-poezdka-iereya-georgiya-maksimova-v-nigeriyu/