На 18 март 2025 година во Варшава, под претседателство на Неговото Блаженство г.г. Сава, Православен Митрополит Варшавски и на цела Полска, се одржа пролетната сесија на Свештениот Собор на Епископите на Полската Автокефална Православна Црква, на која присуствуваа сите епископи на оваа Црква.
Една од темите на овој Собор беше и одлуката за вбројувањето на Катинските Маченици во ликот на светителите.
Во своето соопштение, Полската православна црква известува:
„Црквата на нашиот Господ Исус Христос, повикана од Него кон живот, низ целата своја историја била и е подложена на искушенија и прогонства. Секогаш, сепак, таа се зацврстувала преку маченичката смрт на верните ученици на Христос. На секоја капка маченичка крв се гради нов црковен живот.
Православната Црква во Полска ги живеела тие искуства низ целата своја историја. Затоа нашата генерација со почит ги наведнува главите пред нивното мачеништво и ги прогласува за светители. Во историјата сме направиле многу на ова поле: тоа се мачениците од времето на Брестската Унија, Првата и Втората светска војна и различните прогонства на верните од нашата Црква.
Денес, кога го одбележуваме 100-годишнината од црковната самостојност, се сеќаваме на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја во 325 година и на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна; врз основа на Светото Предание, по разгледување на материјалите што го опишуваат животот и смртта на нашите браќа и сестри кои загинаа во Катин и на други места на смрт и прогонства:
Свештениот Собор на Епископите на Полската Автокефална Православна Црква, во името на Светата Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, ги вбројува во ликот на светителите и ги внесува во диптихот на Светите на Полската Автокефална Православна Црква:
– Протојереј Полковник Симеон Федоренко,
– Протојереј Мајор Виктор Романовски,
– Протојереј Мајор Владимир Охаб,
– Свештеници и мирјани, чии имиња ги знаеме и не ги знаеме. Нив ги знае само Семоќниот Бог.
Свечености поврзани со канонизацијата на Катинските Маченици ќе се одржат на 17 септември 2025 година и овој ден ќе биде воспоставен како ден на нивниот молитвен спомен.
Свети Катински Маченици, молете се за нас!“
Извор: https://www.orthodox.pl/wiosenna-sesja-sw-soboru-biskupow/