Ново богословско училиште во Гана

По неделната Божествена литургија, која беше отслужена со свеченост во катедралниот храм „Преображение Христово“ во Акра, главниот град на Гана, се одржа официјалната свеченост за отворање на Православното богословско училиште „Свети Кирил Лукарис“ – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.

Училиштето е основано по иницијатива на Митрополијата на Акра при Александриската Патријаршија, во соработка со Јонскиот универзитет во Грција, врз основа на потпишан Меморандум за соработка во 2024 година, со цел да се зајакне богословското образование и да се промовира православната култура на африканскиот континент.

Првите триесет студенти на училиштето веќе започнаа со наставата пред еден месец, под академско раководство и духовна грижа на професори-доброволци од Грција, Соединетите Американски Држави и разни африкански земји.

За време на свеченоста, студентите испеаја химни, означувајќи го почетокот на ова ново духовно дело. Потоа следеа воведни обраќања на протојерејот архимандрит Едесиј Мукеке, претставник на наставниот кадар, и на студентот г. Алкивиад Јав Обенг Аџеј, кој, претставувајќи го телото на студентите, говореше за животот и делото на свети Кирил Лукарис, светол претстоител на Александрискиот патријаршиски престол.

Потоа, Неговото Високопреосвештенство митрополитот на Акра, г. Даниил, отслужи водосвет, благословувајќи го почетокот на работата на новата образовна установа и вознесувајќи молитви за успех и напредок на студентите и наставниците.

Во продолжение, митрополитот им се обрати со отечки збор на присутните, пренесувајќи ги топлите желби и отечкиот благослов на Александрискиот Патријарх и на цела Африка, Неговото Блаженство Патријарх Теодор II. Тој, исто така, изрази длабока благодарност од страна на Православната Црква во Гана кон угледните професори на училиштето, кои, во духот на мисионерска служба, прифатија да придонесат во ова возвишено дело на духовно воспитување и образование на младите во Африка.

Свеченоста заврши со предавање на студентските легитимации на студентите од страна на митрополитот, како и со делење на православни теолошки изданија — како скапоцена духовна придобивка за нивниот нов пат. Отворањето на богословијата „Свети Кирил Лукарис“ означува ново поглавје во православното образование во Гана, служејќи му на словото на Вистината и пренесувајќи ја светлината на Православието во секоја православна заедница во земјата.

Извор: https://www.romfea.gr/patriarxeia-ts/patriarxeio-alexandreias/72992-enarksi-theologikis-sxolis-sti-gana