Новокрстени православни христијани во Уганда

Во саботата, на 19 октомври, осум катихумени беа примени во православната вера преку светата тајна на крштевањето во градот Џинџа, во источниот дел на Уганда. Помеѓу нив имаше возрасни преобратеници во верата, како и деца од православни семејства. Светата тајна на трикратното потопување и миропомазанието беа извршени во Соборниот храм „Воскресение Христово“ од Епископот Силвестер Кисисту од Александриската Патријаршија.

Групно крштевање имаше и на 13 октомври 2024 година, во парохијата „Свети Арсениј“ во градот Мбале. Таму, епископот Силвестер отслужи Божествена Литургија во неделата на Светите Отци од Седмиот Вселенски Собор и потоа крсти и миропомаза осум деца од православни семејства.

При двете прилики епископот ги потсети кумовите за потребата да ги научат новокрстените како да ги „чуваат нивните одежди чисти“. Тој рече дека никој нема да се спаси само затоа што е крстен, туку наместо тоа, ќе се спасат оние кои го прават она што Христос ни заповеда да го правиме.

„На крштевањето, ние се облекуваме во Христа (Галатјаните 3, 27), па тоа е свадбена одежда. Ние ја чуваме одеждата чиста преку исповед, покајание, љубов и молитва за нашите ближни за да можеме да се соединиме со Бога преку причестување со Неговото Тело и Крв.“

Извор: https://www.ugandaorthodoxchurch.co.ug/mystery-of-baptism-in-mbale-and-jinja/