На 17 јуни 2026 година, Патријаршискиот егзарх на Африка на Руската Православна Црква, митрополитот Каирски и Северноафрикански Константин, отслужи Божествена Литургија во храмот „Св. Филип Московски“, во Мешчанска Слобода во Москва. На неговото Високопреосвештенство му сослужуваа петмина новоракоположени свештеници од Кенија, Малави, Уганда и Зимбабве, кои ја завршиле обуката на курсевите за пастирска подготовка на Патријаршискиот егзархат на Африка.
Литургијата беше служена на црковнословенски, англиски, свахили, чичева и шона јазик. По завршувањето на богослужбата, митрополитот Константин им упати архипастирска поука на свештенослужителите.
Потоа, по братската трпеза, се одржа заедничка средба на митрополитот Константин со африканските клирици. Владиката им врачи укази за назначување на парохии во Јужноафриканската епархија во нивните матични земји, а исто така им предаде евхаристиски комплети и друга неопходна богослужбена опрема, православна литература на англиски јазик подготвена од Духовно-просветниот центар „Св. апостол Марко“ при Патријаршискиот егзархат на Африка, како и спомен-подароци.
Претходно, во периодот од ноември 2025 до јуни 2026 година, во Москва се одржа уште еден курс за подготовка на свештенослужители на Патријаршискиот егзархат на Африка. Обуката ја завршија петмина кандидати од Кенија, Малави, Уганда и Зимбабве.
Пролетта, во храмот „Св. Филип Московски“ митрополитот Константин ги ракоположи кандидатите најпрво во ѓакони, а потоа и во презвитери.
Сите тие се семејни луѓе, имаат деца и долгогодишно искуство во црковниот живот. Пред заминувањето во Москва, секој од нив активно помагал во својата парохија, извршувајќи различни послушанија.
За време на школувањето, идните пастири ги продлабочиле своите знаења по пастирско богословие, литургика, црковна историја, апологетика и други дисциплини. Во ставропигијалниот женски манастир „Рождество Богородично“ во Москва тие се стекнале и со практични вештини за печење просфори, плетење бројаници и изработка на свеќи.
За африканските клирици биле организирани и образовни екскурзии. Тие ги посетиле храмот „Христос Спасител“, Свето-Троицката Сергиева лавра, Даниловиот манастир, Марто-Мариинската обител на милосрдието, храмот „Покров на Пресвета Богородица“ во Јасенево, како и други храмови и манастири во руската престолнина. Тие го посетиле и Музејот на руската икона „Михаил Абрамов“.
Новоракоположените свештеници Јаир Атиели и Рафаил Андаји (Кенија), Давид Окурут (Уганда), Владимир Мдока (Малави) и Емилијан Шумба (Зимбабве) ја завршиле богослужбената пракса и се враќаат во своите земји за понатамошна пастирска служба.
Јереј Рафаил Андаји е директор на основното училиште при парохијата на Свети великомаченик Пантелејмон во главниот град на Кенија.
Јереј Емилијан Шумба стана првиот свештеник на Руската Православна Црква во Зимбабве.






