Припадници на Украинската служба за безбедност ги проверуваат храмовите на Украинската православна црква
Украина не ја докажа неопходноста и сразмерноста на нејзините дејства насочени кон распуштање на верските организации, вклучително и Украинската православна црква (УПЦ), според извештајот на Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) за ситуацијата во Украина во периодот од септември до ноември 2024 година.
На 23 септември, во Украина стапи на сила законот усвоен од Врховната Рада и потпишан од Владимир Зеленски, а кој дозволува да биде забранета УПЦ.
„Укинувањето на верска организација е строго ограничување кое влијае на можноста на поединците да ја практикуваат својата религија или верување во заедница со други и ја загрозува одржливоста на заедницата како целина, што бара многу сериозни причини во својство на оправдување. Украина не ја покажа неопходноста и сразмерноста на оваа мерка, на пример, не покажа зошто помалку рестриктивните мерки, како ограничувања конкретно на одговорните за прекршоци, не би биле доволни“ – се вели во документот.
„Освен тоа, амандманите тврдат дека верската организација мора да се укине, ако нејзините ’овластени лица’ бидат прогласени за виновни за различни кривични дела, вклучително и против националната безбедност, или ако организацијата е вклучена во ’повторени факти’ со ширење на ’пропагандата на идеологијата Руски свет’, нејасни термини кои не даваат правилна претстава за она што го бара законот. Овие одредби може да резултираат со тоа што цели верски заедници ќе се сметаат за одговорни заради однесувањето на одредени поединци. Потоа, преопширната и двосмислена формулација може да го загрози правото на слободно изразување“ – сметаат во Обединетите Нации.
Документот, исто така, прецизира дека ОХЦХР продолжува да ја следи реакцијата на Киев на инцидентите што се случија на 17 октомври 2024 г. во соборниот храм на УПЦ во Черкаси.
На 17 октомври, приврзаници на Православната црква на Украина (ПЦУ) при нивниот втор обид го зазедоа соборниот храм „Свети Архангел Михаил“, во Черкаси. Имаше повредени меѓу парохијаните и свештенството, многумина со воспаление на очите од солзавец. Настојателот на храмот, Митрополитот Черкаски и каневски Теодосиј беше удрен по главата и хоспитализиран. Исто така, беше хоспитализиран и возрасниот монах Нектариј, кој доби скршеници на черепот. Полицијата отвори кривично дело за хулиганство.
Украинските власти го организираа најголемиот бран од прогонства во современата историја на земјата против Украинската православна црква на Московската патријаршија, најбројната заедница на верници во државата. Наведувајќи ја нејзината врска со Русија, локалните власти во различни региони на Украина донесоа одлуки за забрана на активностите на УПЦ. Службата за државна безбедност на Украина почна да отвора кривични случаи против свештенството на УПЦ, да спроведува „контраразузнавачки активности“ – претреси на епископи и свештеници, во црквите и манастирите барајќи докази за „антиукраинска активност“. Украинските судови прогласија за виновни некои претставници на свештенството, а многумина се во притвор. ПЦУ со поддршка од власта, насилно одзедоа стотици православни цркви на УПЦ.