Обид за насилно одземање на црква во Молдавија

На 27 јануари, верниците на Молдавската Православна Црква при Руската Православна Црква во селото Деренеу, во Молдација, спречија обид за преземање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од страна на претставници на Бесарабската митрополија на Романската Православна Црква.

Според отец Вадим Коростински, секретар на Епархијата Унгени и Ниспорени, поранешниот свештеник Флоринел Марин во текот на ноќта насилно влегол во црквата, ги исклучил безбедносните камери и го заклучил објектот, по што следното утро ја повикал полицијата. Потоа пристигнале свештеници од Бесарабската митрополија од различни региони, меѓу кои Унгени, Келераш и Стрешени, но локалните жители им го блокирале влезот во црквата, која и понатаму останува затворена, пренесува „ПроТВ.мд“.

Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, го осуди инцидентот како „очигледен црковен грабеж“, изјавувајќи дека „Бесарабската митрополија, со помош на државното раководство, продолжува со обиди за насилно преземање на храмови кои ѝ припаѓаат на Митрополијата на Молдавија“. Тој побара итен прекин на притисоците врз верниците, заштита на црквите и гонење на одговорните лица.

Од Бесарабската митрополија, пак, тврдат дека нивните дејства се законски и се темелат на судски одлуки. Отец Габриел-Андреј Гераса, административен викар на Кишињевската епархија, изјави дека храмот од 2019 година се наоѓа под договор за користење со парохија на Бесарабската митрополија и обвини „група социјалисти“ дека насилно влегле во црквата и ги уништиле бравите.

Конфликтот во Деренеу има корени од пред неколку години, кога мнозинството од локалните парохијани гласале за премин од Митрополијата на Молдавија кон Бесарабската митрополија. Спорот стигнал и до суд во 2019 година, кога Митрополијата на Молдавија ја тужела Агенцијата за јавни услуги и верската заедница „Успение на Пресвета Богородица“, барајќи признавање на сопственоста над храмот. По повеќегодишна судска постапка, која стигнала и до Врховниот суд на правдата, барањето на Митрополијата на Молдавија било одбиено.

Претставници на Митрополијата на Молдавија нагласија дека на местото на настанот немало судски извршител, ниту правни документи кои би овластувале насилен влез. Ова претставува трет обид за преземање на црквата. По успешната одбрана, верниците одржаа посебна благодарствена богослужба во чест на оние кои го заштитија светилиштето.

Молдавската Православна Црква при Московската патријаршија во последните години се соочува со сè поголеми притисоци, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година, вклучувајќи преземања на храмови и политички повици за целосна забрана на Црквата. Бесарабската митрополија на Романската Православна Црква станува сè понагласена во критиките кон Молдавската Црква и во примањето на нејзини свештеници без канонско отпуштање, меѓу кои и оние што биле суспендирани или лишени од свештенички чин.

Во ноември започна судски процес против шестмина верници од селото Гриноуци, кои ја бранеа својата црква од поранешниот свештеник.

Извор: https://orthochristian.com/175452.html