Соборниот храм „Свет Дух“, храмот „Свети Никола“ и храмот „Свети Петар и Павле“ на Украинската Православна Црква (УПЦ) во Черновци биле пререгистрирани на името на Јарослав Иванович Бодорјак, кој е раководител на Православната Црква на Украина (ПЦУ – чија автокефалија е доделена од Цариградската патријаршија) во Черновечката област во Западна Украина. Ова го соопшти Черновечко-буковинската епархија на УПЦ на 26 февруари 2025 година, пренесува Информативно-просветниот оддел на Украинската православна црква.
„Денес во 15:10, трите најголеми православни светилишта во Буковина беа пререгистрирани на името на Бодорјак Јарослав Иванович, жител на Ивано-Франковската област. Непознати лица извршија промени во Единствениот државен регистар и го назначија Бодорјак Јарослав за нов сопственик и нов управител на храмот ’Свети Никола’, соборниот храм ’Свети Дух’ и храмот ’Свети Петар и Павле’ на УПЦ“ – стои во соопштението на епархијата.
Јарослав Иванович Бодорјак, познат под името Теогност, е раководител на ПЦУ во Черновци.
Да потсетиме дека во Черновечката епархија верниците одржаа собир на кој илјадници членови на религиозните заедници се изјаснија против преминување во друга јурисдикција и ја изразија својата желба да останат во Украинската Православна Црква под раководство на Неговото Блаженство Митрополитот Онуфриј.
„Фалсификаторите со господинот Бодорјак толку брзаат…, што наместо ‘парохија на соборниот храм’ во документите, според новите внесени податоци, стои ‘арохија на соборниот храм’“ – додадоа од прес-службата на епархијата на УПЦ.
