На 2 октомври 2026 година во престолнината на Грузија, Тбилиси се одржа меѓународна конференција на тема „Темелите на Европската цивилизација и 1700 години Христијанство во Грузија“. На конференцијата присуствуваа претседателот и премиерот на Грузија, претседателот на грузискиот парламент, пратеници и претставници на извршната и законодавната власт и многу други угледни гости, од Грузија и од странство
Свое обраќање на конференцијата имаше и Неговата Светост Католикос-патријархот на Грузија, Шио, во коешто истакна:
„Ве поздравувам од сè срце и ви го честитам 1700-годишниот јубилеј од прогласувањето на христијанството за државна религија во Грузија.
Ги поздравувам свештенослужителите кои пристигнаа од различни земји, раководителите и претставниците на парламентарните делегации, европските христијански цркви и меѓународните црковни организации, кои заедно со нас ја споделуваат радоста на оваа јубилејна година.
Денешната конференција, покрај одбележувањето на еден исклучителен историски настан, претставува и созерцување на значењето на повеќевековниот христијански пат на Грузијците и за духовното и државотворното наследство што го обликувало ликот на нашиот народ и станало еден од најважните темели на неговиот идентитет. Цврстата одлука што ја донеле нашите предци пред 1700 години цврсто ѝ го определила на Грузија местото што ѝ припаѓа меѓу светските цивилизации.
Уште во првиот век, со поседувањето на Господовата риза и со тоа што Грузија ѝ е доделена во удел на Пресвета Богородица, биле поставени темелите на овој повеќевековен пат, потхрануван од љубовта кон Христос. Преку проповедта на светите апостоли — Андреј Првоповиканиот, Симон Кананитот и Матеј — грузискиот народ се причестил со Христовата светлина, а подоцна, во IV век, благодарение на подвигот на рамноапостолната света Нина, нашиот народ засекогаш ја врежал во своето срце верата во Спасителот.
Христијанството станало определувачки фактор не само за духовниот живот на човекот, туку и за културното и општественото сфаќање на целата земја. Тоа го обликувало светогледот и националниот и верскиот идентитет на грузискиот народ, кој поседува древна и единствена култура. Врз христијанските корени израснале и се развиле целокупната подоцнежна грузиска книжевност, уметност, култура, образование и општествена мисла. Христијанството ни подарило многубројни дејци и светители, големи и пожртвувани луѓе…
Оттогаш поминале многу бурни векови. Многу големи и мали земји исчезнале од лицето на земјата и се изгубиле во текот на времето, но грузискиот народ, потхрануван од верата во Христос и вооружен со христијанските вредности, сепак успеал да ги зачува својата вера, јазик и татковина.
Христијанската мисла и вера ѝ дале сосема нова духовна и морална содржина на европската цивилизација.
Нашата земја, поради својата географска положба и историја, од дамнина се наоѓала на крстопатот на различни култури и цивилизации. Со векови, Грузија се развивала во заедничкиот простор на богатата богословска, интелектуална и културна мисла на Византија, христијанскиот Исток и Европа. Преку овие врски, грузискиот народ, од една страна, го зачувал својот идентитет, а од друга, дал значаен придонес во духовното богатство на светското христијанство.
Современоста нè соочува со нови предизвици. Војните, спротивставувањата, омразата и најразличните искушенија се обидуваат да ги заменат верата и моралните вредности.
Во вакви времиња треба да помниме дека љубовта кон Бога и кон ближниот, милосрдието, одговорноста, праведноста, трпеливоста и стремежот кон мир меѓу луѓето се морални вредности втемелени во христијанското учење, чија суштина останува непроменета и покрај минливоста на времето.
Особено е за поздравување тоа што во рамките на оваа конференција посебно внимание им се посветува на важни теми, како што се семејството и традиционалните вредности.
Колку е пријатно, Ваше Височество, господине претседателе, што во своето обраќање особено ги истакнавте овие вредности.
Семејството е средината во која човекот учи да сака, да биде верен, да презема одговорност, да почитува и да се грижи за другите. Семејството не е само личен простор, туку и темел на моралот и националниот идентитет. Токму стабилноста на семејството ја овозможува силата и единството на државата.
Денес, на општеството особено му е потребно Црквата, општествените и државните институции да можат со меѓусебно почитување да разговараат за ваквите теми. Тоа значително ќе придонесе за подлабоко разбирање на христијанското учење во врска со најважните прашања со кои се соочува современиот свет, за поддршка на семејството и за зајакнување на одговорноста кон идните поколенија.
Ви посакувам работата на конференцијата да се одвива токму во овој дух и уште еднаш да бидат истакнати местото и значењето на Грузија во европската цивилизација, како земја со дваесетвековна христијанска историја.
Бог да ве благослови и да ви подари радост!
’Она што го научивте… тоа правете го, и Бог на мирот ќе биде со вас’ (Фил. 4, 9). Амин!“








