На 6 август 2025 година, на официјалната интернет страница на Бугарската Православна Црква беше објавено обраќањето на Светиот Синод на Бугарската Патријаршија, во врска со нео-хиндуистичката пропаганда со лажнохристијански елементи, која е присутна во Бугарија. Дел од оваа пропаганда и во Македонија е присутна веќе години наназад. Во продолжение во целост го пренесуваме ова обраќање.
Обраќање на Св. Синод на БПЦ–БП во врска со паганската нео-хиндуистичка пропаганда со лажнохристијански елементи
Се обраќаме кон нашата богопазена православна паства во Бугарија и во светот, како и кон медиумите, културно-просветните институции и јавноста, со повик за поголема будност во однос на гостувачки гуруа, самонаречени „духовни учители“ и заедниците што гравитираат околу нив. Тие развиваат проповедничка и религиозна дејност кај нас, преплетувајќи ги своите пагански верувања со некоректно користени елементи од христијанството. Една од главните цели на овие „духовни водачи“ е да воведат во духовна заблуда што е можно повеќе луѓе и така да го зголемат бројот на своите следбеници.
Во нашата земја и надвор од неа често се рекламираат иницијативи на нео-хиндуистички „духовни водачи“ како Бхактиведанта Свами Прабхупада, Махариши Махеш Јоги, Шри Чинмој, Шри Матаджи Нирмала Деви, Ошо Раџниш, Саи Баба, Шибенду Лахири, Шри Шри Рави Шанкар и многу други.
Повеќето заедници што ги обожуваат овие водачи тврдат пред јавноста дека целта им е да го усовршат поединецот и општеството како целина преку создавање ставови, вештини и услови за „самоостварување“ и „хармонија“. Култовите што дејствуваат во името на такви гуруа тврдат дека нивната работа е насочена кон образовни, културни и спортски програми, семинари и курсеви за самоусовршување, ослободување од стрес, подобрување на здравјето, зголемување на концентрацијата и памтењето, мировни проекти и општ напредок на целото човештво. Преку такви позитивни пораки тие се инфилтрираат, привремено или трајно, во календарот на бројни културни и образовни институции. На тој начин се доведуваат во заблуда неинформирани бугарски граѓани: градоначалници, директори, секретари, наставници, воспитувачи, родители и деца, кои се ставаат во ситуација да учествуваат во иницијативи насочени против нивниот христијански светоглед и кои го рушат нивниот православен идентитет.
За нас е крајно неприфатливо Господ Исус Христос да биде претставуван од некое гуру како само уште еден од многуте „духовни учители“ или како „воплотување“ („аватар“) на хиндуистичкото божество Кришна. Сметаме за недостоен секој обид да се омаловажи искупувањето што ни е дарувано од нашиот Спасител на крстот, и Неговото дело да се заменува со лажното учење за кармата и преродбата. Го отфрламе секое посегање врз илјадалетната христијанска моралност на бугарскиот народ и нејзината замена со лажната слобода на источните лажни учења, според кои „нема добро и зло“, животот е круг на постоење, а човечката личност е „крпена кукла“ без никакво значење (Шри Шри Рави Шанкар). Ако православните светци ја постигнале праведноста и светоста од кои и денес земаме пример и се ползуваме, тоа го направиле преку Божјата благодат и со полна свест дека имаат еден единствен живот, во кој се потрудиле во смирение, послушание кон Црквата, пост, молитва и добродетелност. Затоа секој обид источната медитација да се споредува со православната молитва, празнењето на свеста во сектите да се изедначува со себепознанието и богопознанието во Црквата, или јогата да се мери со православната аскеза, е грубо изопачување на фактот дека меѓу паганството и христијанството постојат суштински разлики – произлезени од тоа на кои богови им се поклонуваат хиндуистите, Кого почитуваат христијаните и какви се стремежите на паганите и на православните верници.
Светиот Синод е загрижен не само за членовите на БПЦ–БП, туку и за бугарските семејства, училишта и градинки, бугарските читалишта и библиотеки, концертни сали, социјални и културни центри, кои масовно се користат за ваква религиозна пропаганда, со цел да се отуѓи нашиот народ од неговите исконски традиции и духовни корени. Покрај тоа, врз основа на своето долгогодишно душепастирско искуство, Црквата знае дека ваквите пагански култови во многу случаи претставуваат закана за физичкото и психичкото здравје на луѓето, за нивниот имот, за цврстината на нивните семејства, за нивната професионална реализација и општествена интеграција.
Да покажеме повеќе здрав разум, како и благодарност кон грижливата љубов на нашиот Господ Исус Христос, Кој преку Евангелието нè просветлува и предупредува како Свои возљубени чеда: „Пазете се да не ве прелаже некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе кажуваат: Јас сум, и мнозина ќе прелажат“ (Марко 13, 5–6); „Ако некој ви каже: ете, овде е Христос, или: ете, таму е – не верувајте; зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чудеса за да прелажат, ако е можно, и избраните. А вие пазете се: ете, сè ви реков однапред“ (Марко 13, 21–23). Верни на Христовите заповеди, светите апостоли исто така нè оградуваат од самонаречените, кои се стремат да го одделат верното стадо од Добриот Пастир. Св. апостол Петар вели: „меѓу вас ќе има лажни учители, кои ќе воведат погубни ереси и, откажувајќи се од Господа, Кој ги искупил, ќе си навлечат брза погибел“ (2 Петар 2, 1). Да се оддалечиме од бесовските суеверија, од лажното блаженство на гордоста и порокот, и да останеме во заветот на св. Јован Рилски – пазејќи ја светата православна вера, живеејќи непорочно и сведочејќи пред целиот свет дека Исус е Христос (1 Јован 5, 1) – единствениот Пат, Вистина и Живот за сите луѓе!
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-sv-sinod-na-bpts-bp-otnosno-ezicheskata-neo-i
