Обраќање на Синодот на Бугарската Црква во врска со трагичните настани на Блискиот Исток

Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква на 21 март 2025 година објави апел за запирње на насилството и за заштита на правата и животите на христијанските малцинства во Сирија, Палестина, Појасот Газа и во целиот Блиски Исток.

Во продолжение во целост го пренесуваме ова обраќање.


Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, уште еднаш ја изразува својата безрезервна братска поддршка и солидарност со маченичката света Антиохиска патријаршија и нејзиниот поглавар – Неговото Блаженство Антиохискиот и на целиот Исток патријарх Јован X, како и со светата Сионска црква – Ерусалимската патријаршија и нејзиниот поглавар – Неговото Блаженство Ерусалимскиот патријарх Теофил III.

Во првата четвртина од XXI век, кога насекаде се зборува за човекови права, за слобода на личноста и за заштита на правата на малцинствата, целиот свет останува рамнодушен сведок на трагичните настани што се случуваат на Блискиот Исток. Сведоци сме на тоа како цивилни, невооружени и беспомошни луѓе – стотици мажи, жени, деца и старци, се мачени, понижувани, силувани и убивани на најсвиреп и нечовечен начин во Сирија и во други соседни земји од Блискиот Исток. Не можеме да останеме рамнодушни и неми пред страдањата, болките и маките кои ги трпат илјадници наши браќа и сестри!

Во овие денови на Великиот пост ги повикуваме сите православни христијани од епархиите на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија на усрдна и секојдневна молитва на колена за нашите браќа и сестри христијани во Сирија, историската област Палестина, Појасот Газа и во целиот Блиски Исток, како и за секое невино човечко суштество кое страда од војна, несигурност, неправда и насилство.

Апелираме до одговорните меѓународни и национални фактори и организации да направат сè што е во рамките на нивните човечки сили и можности за итно запирање на насилството и за заштита на правата и животите на христијанските малцинства во Сирија и на целиот Блиски Исток.

Молитвено Му се обраќаме на Господа и Владиката на нашиот живот, Кој е нашата единствена надеж, утеха и надеж, по молитвите на Својата Пречиста Мајка и на сите Свои светии, да подари мир на целиот свет!

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-sv-sinod-otnosno-tragichnite-sabitia-v-blizki