Обраќање на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква до јавноста и учесниците во „Поворката за семејството“

Во саботата, на 14 јуни 2025 година, во бугарската престолнина се одржа „Поворката за семејството“. Петта година по ред, во одбрана на семејството се собираат над 10.000 луѓе пред спомен-храмот „Св. Александар Невски“ во Софија.

Поворката е организирана од граѓански здруженија и се одвива под покровителство на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, која упати повик „православните христијани и сите луѓе што ја разбираат важноста на традиционалната институција брак и воспитувањето на децата во здрави христијански семејства да се придружат на поворката“

На самиот ден на настанот Светиот Синод на Бугарската Православна Црква го објави следното обраќање до учесниците на поворката и до јавноста.


Возљубени во Господа браќа и сестри,

Во времиња на нови искушенија за нашата христијанска совест и предизвици за евангелската моралност, кога гревот и гревовноста демонстративно се промовираат пред целото општество, нашата Православна Црква ја носи од Бога доверената одговорност да ги чува и брани своите возљубени чеда, кои ѝ се доверени од Христос Спасителот.

Меѓу сите штетни и разорни влијанија и трендови што ја загрозуваат нашата христијанска и човечка суштина, последниве години особено арогантно се наметнуваат обидите за редефинирање на првата и најважна ќелија на општеството: семејството благословено од Бога. Тоа семејство, што Самиот Бог го создал и благословил уште на самиот почеток на човечката историја (сп. 1Мој. 1, 26-31), кое е свето, и кое во времето на Новиот Завет е издигнато уште повисоко, споредено со сојузот меѓу Христос и Неговата света Црква (сп. Еф. 5, 22-33), денес се соочува со невидено искушение. Совршената слобода, која според христијанското сфаќање е слобода во вистината (сп. Јн. 8, 32) и слобода од ропството на гревот, денес погрешно се толкува како апсолутен произвол и се користи како парола за легитимирање на појави што се не само спротивни на нашата христијанска вера, туку и на природниот закон.

Најподложни на влијание од обидите за подметнување на еднополовите заедници како замена за светиот институт на семејството се токму децата. Децата, кон кои Самиот Господ, за време на Своето земно служење, покажа посебна грижа и љубов (сп. Мт. 19, 14), кои ги постави за пример за нас, возрасните, поради нивната чистота, невиност и блискост до Царството Божјо (сп. Мт. 18, 3), денес се во невидена опасност – беспомошно изложени на сета суровост на гревот и на сета развратност што светот на возрасните ја истура врз нив. Лишени од можноста да ја слушнат Божјата вистина и да се оформуваат во верата и моралот што со векови го зачувувале нашиот народ, тие се подложени на разорното дејство на нашето погрешно сфатено „слободарство“, и денес се во опасност да го изгубат и своето последно прибежиште – од Бога благословеното семејство. Тоа семејство веќе им се нуди во изменета форма, каде на местото на нивните вистински родители – љубовните мајки и татковци – се појавуваат луѓе што само играат нивна улога, но живеат во противприродни заедници, кои некои упорно се обидуваат да ги озаконат.

Црквата нема овластување да донесува закони, но зад себе ја има најголемата сила што постои во светот – силата на нејзиниот Основач и Божествена Глава, нашиот Господ и Спасител Исус Христос, Кој е „вчера, денес и во вечни векови истиот“ (Евр. 13, 8) и Кој сведочи: „Небо и земја ќе минат, но Моите зборови нема да минат“ (Мт. 24, 35). Со таа сила и водена од својот свет долг кон народот што ѝ е доверен, Црквата секогаш ќе ja брани Божјата замисла за човекот, неговото највисоко достоинство и определба, и ќе го покажува патот кон спасението, кој ѝ е оставен во наследство од Спасителот на човечкиот род.

Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, секоја година го издигнува својот глас против пропагандата на гревот, каква што суштински е т.н. „геј парада“. Диктатурата на малцинствата не може да се претставува како демократски процес.

На таа агресивна демонстративност и пропаганда, Православната Црква секогаш одговара со достоинството на доблеста. Бог е особено нежен – Тој не го присилува човекот, не го принудува да верува или да прави нешто против својата волја, туку се открива на секого на најсоодветен начин. Ние нема да го убедиме општеството во нашата вистина на друг начин, освен преку добродетелен живот, во кој секој од нас служи како пример за другите. Најсилната одбрана на семејството е токму преку вистински христијански семејства. Тоа ни е потребно. Вера и благочестив живот, редовно учество во заедничкото богослужение, брак осветен од Бога, брачна верност, заемна посветеност и грижа за децата!

Радосно и утешително е тоа што, и покрај сè, и покрај агресивноста на гревот што нè опкружува, во нашето општество сè уште постојат здрави сили: будни луѓе што ги разбираат опасностите на времето и јавно застануваат на страната на Бога и Неговата вистина за светот и човекот. Борбата со злото и гревот е стара – од самото нивно појавување – и таа ќе продолжи сè додека не се исполни тајната „на беззаконието“ (2Сол. 2, 7), сè додека гревот не биде уништен и Бог не стане „сè во сѐ“ (1Кор. 15, 28). Затоа, да бидеме храбри!

Во таа храброст, да не заборавиме дека за успех на секое наше дело ни е потребна Божјата благодат – без Бога не можеме ништо. Како што денес се собравме тука, така да се собираме секогаш – на неделните и празнични денови во православните храмови на светата Литургија, каде што Бог реално е присутен и со благодатта на заедничката молитва и светите тајни ги храни нашите души.

Да не заборавиме, исто така, дека борејќи се во името на Христовата светлина и правда, треба секогаш да го имаме на ум сведоштвото на апостолот, кој нè предупредува дека „нашата борба не е против крв и плот, туку против началства, против власти, против владетели на темнината од овој свет, против духовите на злобата под небото“ (Еф. 6, 12). Да го осудуваме гревот, а не грешникот, и секогаш да се молиме за сите – особено за оние што ни се непријатели, така како што нè учи Самиот наш Господ Исус Христос (сп. Мт. 5, 44), затоа што сите ние сме Негови возљубени чеда, а Човекољубивиот Бог не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати и да живее!

Божјата љубов и Неговата голема милост нека бидат со сите нас!

Бог да ја чува Бугарија!

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-svetia-sinod-na-balgarskata-pravoslavna-tsark–1