Светиот Синод на Бугарската православна црква на својата интернет страница, на 10 декември годинава го објави следното соопштение по повод актуелните настани во Сирија и Либан:
Светот со загриженост ги следи настаните кои во последните денови, недели и месеци се закануваат да ги протераат илјадници христијани од нивните родни огништа. Векови наназад, од времето на Христовите апостоли и нивните ученици, до денес, земјите на Сирија и Либан биле благословена почва за евангелската проповед и родно место на многу светители на Православната црква. Денес, кога гревот се умножува, а беззаконието се стреми да стане норма, сме сведоци на обид за искоренување на христијанството како последица на војната и насилното протерување на христијаните од овие маченички земји.
Светата Православна Христова Црква е Богочовечка заедница, тело Христово, а сите ние сме нејзини членови. Како што страда еден член, така страдаат сите членови; како што се радува еден член, така се радуваат сите (1Кор. 12, 26). Сите членови на Црквата се повикани да се грижат еден за друг (види 1Кор. 12, 25). Не можеме да останеме рамнодушни кон страдањата и искушенијата на нашите браќа и сестри во Христа, наследници и носители на двеилјадигодишното црковно Предание кое е под закана од целосно уништување.
Во овие исклучително тешки денови за верниците на древната Антиохиска патријаршија, изразуваме братска молитвена поддршка до неговото блаженство Антиохискиот и на целиот Исток Патријарх Јован X, членовите на Светиот Синод, свештениот клир и побожниот народ на Сирија и Либан. Срдечно се молиме на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, преку молитвите на Неговата Пречиста Мајка и сите светии, да ги заштити, спаси, утеши и помилува нашите браќа и сестри! Веруваме дека Бог, Кој се грижи за сите нас, никогаш нема да ја остави светата Антиохиска патријаршија.
Апелираме до сите меѓународни организации, политички лидери и државници да преземат брзи и ефикасни мерки за заштита и гарантирање на животот, човековите права и слободата на вероисповед на христијаните во Сирија и Либан.
Нека мирот на Богомладенецот, Кој се роди за наше спасение, биде со сите нас!
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-svetia-sinod-na-bpts-bp-po-povod-situatsiata
