„Мир ви оставам; Својот мир ви го давам“
(Јн. 14, 27)
Од старозаветно време до денес, Светата земја е населувана од многу народи со различна култура, религија, обичаи и традиции. Денешниот Израел и историската област Палестина претставуваат мултикултурен мозаик, каде како шарени камчиња се вградени илјадници семејства на Христијани, Евреи и Муслимани. Услов за мирно заедничко живеење на овие народи и култури е почитувањето на другиот, неговата слобода и правата на живот и вероисповед. За наша голема жал, денес сме сведоци на омраза што води до конфликти и меѓусебно уништување во Светата земја. Овие процеси, започнати особено по завршувањето на Втората светска војна, денес влегуваат во „маѓепсан круг“ со непредвидливи последици. Историјата покажува дека насилството раѓа насилство, кое – ако не се спречи и запре навреме – води до огромни трагедии.
Како православни христијани, не можеме да останеме рамнодушни и незаинтересирани. Денес, илјадници наши браќа и сестри се ставени во нечовечки услови во појасот Газа. Ја изразуваме нашата братска поддршка до Неговото Блаженство Ерусалимскиот Патријарх Теофил III, до Светиот Синод на Ерусалимската патријаршија, до Неговото Високопреосвештенство Тиверијадскиот Архиепископ Алексиј, патријаршиски епитроп во Газа, до свештенството и многустрадалното паство на „Мајката на Црквите“ – Светата Сионска Црква. Се обраќаме со топла и искрена молитва кон Бога на мирот, Кој, по небесното застапништво на Својата Пречиста Мајка, на свети Порфириј, епископ на Газа, и на сите Свои светители, да ги заштити, укрепи и помилува сите христијани, како и секое човечко суштество, во рамките на појасот Газа, на територијата на Израел и Палестина. Апелираме до сите релевантни меѓународни организации, политички лидери и државници за итни и ефикасни мерки за прекин на конфликтот и започнување на мирни преговори меѓу завојуваните страни.
Нека Витлеемскиот мир на Господ Исус Христос, Кој се роди за нашето спасение, ги осветли секое човечко срце, нека се возцари меѓу нас и никогаш да не нè напушти!
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-svetia-sinod-na-bpts-bp-vav-vrazka-s-polozhen