Обраќање по повод годишнина од Соборот во Теофанија


Претстоителот на Украинската православна црква, Неговото Блаженство, Митрополитот Онуфриј Киевски и на цела Украина, објави обраќање по повод третата годишнина од Собор на Украинската Православна Црква, кој се одржа на 27 мај 2022 г., во манастирот „Св. Пантелејмон“, во Теофанија. Во продолжение ова обраќање го пренесуваме во целост


ОБРАЌАЊЕ
по повод третата годишнина
од Соборот на Украинската православна црква,
одржан на 27 мај 2022 г. во Киев (Теофаниja)

Христос воскресна!

Искрено им го честитам на сите големиот празник на Светлото Воскресение Христово, преку кое Христос, нашиот Спасител и Господ, „ја сотре нашата смрт и им подари живот на оние во гробовите“ (тропар на Пасха).

Во овие благословени велигденски денови ја славиме третата годишнина од Соборот на Украинската православна црква, одржан во градот Киев, во манастирот Свети Пантелејмон, кој се наоѓа во Теофанија.

Во 2022 г., по почетокот на целосната руска инвазија на Украина, нашата света Црква се соочи со тешки предизвици, чие решение беше можно само со помош на соборски црковен ум. И ние тргнавме по патот на соборноста.

На 27 мај 2022 г. во Киев, во манастирот „Свети Пантелејмон“ (Теофанија), се одржа Соборот на Украинската православна црква, кој донесе голем број важни одлуки.

За жал, по почетокот на целосната инвазија, Московскиот патријарх Кирил целосно застана на страната на руското политичко раководство, последователно оправдувајќи ја воената агресија против Украина. Затоа, во првите недели од војната, бројни свештеници на нашата Црква почнаа да го изразуваат своето несогласување со зборовите и постапките на патријархот Кирил. И поединечни парохии и цели епархии во различни региони на Украина почнаа да одбиваат да го спомнуваат името на Московскиот патријарх на богослужбите. Во оваа ситуација, Светиот синод на Украинската православна црква одлучи да свика собрание на епископи, свештеници, монаси и лаици во Киев, за да разговараат за животот на нашата Црква во воено време.

Ова собрание започна со работа наутро на 27 мај 2022 г. во манастирот „Богојавление“. Во него учествуваа (лично или од далечина) епископи, свештеници, монаси и лаици од сите епархии на нашата Црква. Така, ова собрание имаше доволен кворум за да стане полноправен Собор на Украинската православна црква. Кога беше очигледно дека идејата за итно одржување на Собор е поддржана од практично сите учесници на  собранието, беше одлучено, истиот ден прво да се одржи седница на Светиот синод и на Соборот на архијереите, а потоа и на Соборот на Украинската православна црква со учество на епископи, свештеници, монаси и лаици, според усвоениот пропис.

Овој Велик Собор ја започна својата работа попладнето на 27 мај. Огромно мнозинство од делегатите на Соборот се изјаснија за целосно одвојување на Украинската православна црква од Московската патријаршија. Затоа, Соборот направи голем број принципиелни измени во Уставот за управување, со кои беше посведочено за целосната канонска независност на Украинската православна црква и нејзиното недвосмислено разграничување од Московската патријаршија. Сите пунктови за поврзаноста на Украинската православна црква со Руската православна црква беа отстранети од уставот. Особено, указите на РПЦ веќе не се основа за дејноста на нашата Црква. Претстоителот на Украинската православна црква доживотно го избира епископатот на нашата Црква и нема потреба да добива благослов за својата служба од Московскиот патријарх. Митрополитот Киевски и на цела Украина го прекина своето членство во Светиот синод на РПЦ. Името на Московскиот патријарх веќе не се спомнува на богослужбите во црквите и манастирите на Украинската православна црква.

Соборот недвосмислено ја осуди руската воена агресија врз Украина и изрази несогласување со ставот на патријархот Кирил во врска со оваа војна. Соборот, исто така, ја искажа својата намера да го обнови чинот на варење миро во Украинската православна црква. Освен тоа, делегатите на Соборот се изјаснија за развој на мисијата на нашата Црква во странство меѓу православните Украинци, кои заради војната се најдоа надвор од својата татковина, за да ја зачуваат својата вера, култура, јазик и православен идентитет.

Така, Соборот кој се одржа пред три години во манастирот Богојавление, темелно го промени животот на нашата Црква. Од 27 мај 2022 г., ние веќе не сме дел од Московската патријаршија. Соборот јасно го искажа стремежот на нашата Црква за целосна канонска независност. И во моментов ние веќе ги имаме сите атрибути на таквата независност. Нашата Црква самостојно ги решава сите прашања од својот внатрешен и надворешен живот: отвора нови епархии, избира епископи и претстоител без мешање од други помесни цркви, самостојно подготвува свето миро за своите потреби и отвора парохии во странство.

Се надеваме дека целото семејство на Автокефални Помесни Цркви ќе нè поддржи морално, ќе ја одобри нашата канонска независност и ќе ја одбележи со соодветно одликување.

Светата историја сведочи дека Црковните Собори кои ја одржуваат и штитат чистотата на верата и христијанскиот морал, се водени од благодатта на Светиот Дух, Кој нè води во секоја вистина (Јн 16, 13) и нè утешува тоа, дека во овие тешки времиња, кога Украина минува низ еден од најтешките периоди во својата историја, Господ не нè напушта, туку продолжува да нè води кон Своето Царство.

И денес, додека ја славиме третата годишнина од Соборот на Украинската православна црква, ги повикувам сите да ги засилат своите молитви за нашата татковина Украина, за нејзиниот народ и за нашите војници кои ја бранат својата татковина по цена на сопствениот живот. Исто така, ги повикувам сите да се молат за нашата Црква, за Господ да нè поддржи во овие тешки искушенија, да ни помогне да разбереме во што е „волјата Божја, добра, угодна и совршена“ (Рим 12, 2), и да ни даде сила да ја воплотиме Неговата волја во нашите животи.

Го повикувам на сите нас Божјиот благослов.

Онуфриј, Митрополит Киевски и цела Украина,
Претстоител на Украинската православна црква

Извор: https://uoc-news.church/2025/05/20/zvernennya-blazhennishogo-mitropolita-onufriya-z-nagodi-tretoji-richnici-soboru-upc-u-feofaniji/#2025-05-20