Во неделата, на 1 ноември, во манастирот посветен на Почаевската икона на Пресвета Богородица во Флорида, САД, се одржа свечен пречек на кивотот со моштите на преподобните Јов и Амфилохиј Почаевски.
Ова е голем и посебен настан за целото братство и за верниците на манастирот, кој е под јурисдикција на Руската задгранична Православна Црква. Непосредно пред тоа, претставници на Почаевската Успенска лавра стапиле во контакт со игуменот на манастирот во Норт Порт, игумен Стефан (Хилчук). Откако се запознале со животот и служењето на братството, во Лаврата одлучиле да му го подарат овој свет дар на храмот посветен на Почаевската икона на Пресвета Богородица, надвор од границите на Украина.
Кивотот е изработен како голем, уметнички украсен дрвен ковчег, на кој се наоѓа прекрасна насликана икона на преподобните Јов и Амфилохиј Почаевски. Во иконата се вградени моштевници со делчиња од моштите на овие Божји угодници.
Ова не е прв дар од Почаевската лавра за манастирот во Норт Порт. Пред пет години, митрополитот Владимир (Мороз), игумен на Почаевската Успенска лавра, му подари на манастирот во Америка покрови со претстава на стапалото на Божјата Мајка. Тие некогаш го покривале местото на јавувањето на Пресвета Богородица во Успенскиот соборен храм во Почаев.
Така, малата Почаевска обител во Америка и по вторпат добива духовна и молитвена поддршка од големата и света Почаевска Успенска лавра. Ова уште еднаш сведочи дека Пресвета Богородица, игуменијата на двата манастира – Почаевската лавра и обителта во Норт Порт – не го остава Своето стадо, туку се грижи за Својот народ.
Денес, многумина од верниците на манастирот, меѓу кои има и бегалци од Украина, а некои од нив потекнуваат и од самиот Почаев, особено ја чувствуваат молитвената поддршка и мајчинското застапништво на Божјата Мајка, наоѓајќи се „во туѓа земја“.









